Мени

Собранието на Р.М. по нивото на отвореност е под регионалниот просек – Предлози за подобрување на моменталната состојба

Иако законодавната власт во Македонија е најотворена во државата, Собранието на Република Македонија по нивото на отвореност е под регионалниот просек, покажа Истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Според резултатите од истражувањето, македонското Собрание исполнува 59% од индикаторите на отвореност што е под просекот од 63% отвореност на парламентите во регионот. Сепак, кога се зборува за работата на Собранието и неговата отвореност, не може да се остави на страна контекстот во кој (не)функционира најзначајната институција во државата.

Од општите избори во 2014 година Собранието е во целосна или во делумна блокада, почнувајќи со непризнавањето на резултатите на изборите од страна на опозицијата и 15 месечниот бојкот на работата на законодавниот дом.

И четири месеци по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, конститутивната седница на Собранието сѐ уште трае, а со неа раководи претседателот на претходниот парламентарен состав. Четири месеци државата нема мандатар за состав на влада, бидејќи Претседателот на државата одбива да го додели мандатот на парламентарното мнозинство, а пратениците цел месец дебатираат за избор на претседател на комисијата која ќе го даде предлогот за избор на нов претседател на Собранието.

Во услови на речиси целосна блокада на законодавниот дом, многу е тешко да се очекува посветеност кон политики и практики кои ќе ја подобрат отвореноста на институцијата. Сепак, граѓанскиот сектор е тој што будно ја следи состојбата и активно дава предлози за подобрување на работењето на Собранието.

И покрај длабоката институционална криза, Собранието сепак е најотворениот прозорец од трите власти, кој редовно ги објавува дневните редови за работа на пленарните сесии и на работните тела, видео и стенограмските записи од пленарните седници, присуствата и начинот на гласање на пратениците на пленарните сесии, контактите и биографиите на пратениците (но не и нивните плати и средствата кои тие ги побарале за надомест на патните трошоци, а кои секогаш се предмет на интерес и критика од јавноста и медиумите), како и редовно објавување на годишните извештаи. Во оваа смисла, Собранието може да претставува пример за отвореност за другите власти, особено за Владата, која не ги објавува ниту дневните редови за работа, ниту записниците и заклучоците од одржаните седници.

Инаку, степенот на исполнетост на критериумите за транспарентност на собранијата на земјите од регионот во просек изнесува 63%. И овој резултат не е задоволителен имајќи предвид дека станува збор за органи кои се директно избрани од граѓаните и кои треба да бидат отчетни кон граѓаните.

Мониторингот покажа дека Собранијата се главно нетранспарентни кога станува збор за објавување податоци од седници на парламентарни комисии. Повеќето Собранија не објавуваат документација од гласањата и список на пратеници кои присуствувале на седниците на комисиите. Дополнително, седниците на комисиите во повеќето земји не се пренесуваат на телевезија или радио.

Повеќето Собранија од регионот треба да афирмираат принцип на финансиска јавност и отвореност. Собранијата најчесто не ги задоволуваат ниту минималните меѓународни стандарди на буџетска транспарентност кои налагаат достапност на финансиските документи за јавноста. Официјалните веб страници на повеќето Собранија не содржат информации за буџетите за претходните три години. Дополнително, голем дел од нив не ги објавуваат завршните сметки. Собранијата треба да вршат контрола на јавните трошоци во текот на годината и да објавуваат полугодишни извештаи за трошењето на буџетот.

Анализата: „Отвореност на Собранијата во регионот и Македонија“ претставува активност во рамки на проектот „ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа“ имплементиран со финансиска поддршка на Европската Унија и проектот „Користење на нови медиуми за промоција на владината транспарентност“ имплементиран со финансиска поддршка од NED – National Endowment for Democracy.

Проектот ACTION SEE Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа е спроведуван од Фондација Метаморфозис во партнерство со Westminster Foundation for Democracy од Велика Британија, CRTA Center for Research, Transparency and Accountability од Србија, Citizens Association Why not? од Босна и Херцеговина, Center for Democratic Transition од Црна Гора, Open Data Kosovo (ODK) од Косово, и Levizja Mjaft! од Албанија. 

Целта на проектот е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.