workshop22

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) на 31.01.2018 (среда) ја одржа втората Работилница на работната група за изработка на Национална стратегија за отворени податоци. На настанот, пред присутните членови на работната група беше презентирана првата Нацрт верзија на стратегијата и од нив беше побарано да учествуваат со свои коментари и забелешки за понатамошно подобрување на документот.

Првата нацрт верзија на стратегијата ја изработија Бардил Јашари, извршниот директор на Фондација Метаморфозис, Зоран Јаневски, член на Управниот одбор на Фондација Метаморфозис, Горан Ризаов, проектен координатор во Фондација Метаморфозис и Мартин Тодевски, проектен менаџер во Центарот за управување со промени. Дел од содржините беа добиени како резултат на препораките добиени од првата работилница со работната група која се одржа на 25 декември 2017 година во Скопје.

Филип Маневски од МИОА ја презентираше досегашната работа на тимот на министерството задолжен за отворени податоци и предизвиците со кои се соочуваат.

„Документот има за цел да ја охрабри промоцијата и користењето на отворените податоци со јасна напомена дека податоците кои ги продуцираат владата и јавниот сектор се сопственост на граѓаните на Република Македонија“, посочи Маневски потенцирајќи дека МИОА работи на конзистентен и заеднички пристап кон отворените податоци од страна на сите државни институции.

workshop21

На презентацијата на досегашниот напредок во работата беше потенцирано дека Македонија треба да ги прифати принципите на отворени податоци наведени во Меѓународната повелба за отворени податоци со што земјата би станала потписник на повелбата во друштво со уште 70 демократски земји од светот.

„Првиот принцип на повелбата – Отворено ‘по дифолт’ – значи дека треба да се смени менталитетот дека оние кои бараат отворање на податоците треба да објаснуваат зошто им требаат, туку властите треба да објаснат и да докажат зошто одредени податоци не можат да се објават“, рече Горан Ризаов презентирајќи ја нацрт-стратегијата.

На настанот учествуваше и меѓународниот експерт Ендрју Стот, поранешен Директор за транспарентност и користење дигитални алатки во владата на Велика Британија кој работеше на политиката за отворени податоци на Британија и креирањето на data.gov.uk. Тој во својата презентација пред присутните ги посочи предностите кои ги носи отворањето на податоците и можностите за социјален, економски и демократски развој.

Процесот на работа на Стратегијата продолжува понатаму паралелно со креирањето на акциски план за нејзина имплементација. Текстот на документот наскоро ќе биде достапен за јавноста.

 

Сподели: