Мени

Став на Фондација Метаморфозис за уредувањето на заштитата на приватноста при користење на мобилната апликација МОЈ ДДВ

Фондацијата Метаморфозис преку програмата „Човекови права на интернет“ се фокусира на заштитата на приватноста преку зајакнување на капацитетите и знаењата на граѓаните и институциите за дигитално општество. Метаморфозис промовира пристап за сите преку иновативна употреба и ширење на знаењата и етичка употреба на новите технологии. Во оваа насока, Метаморфозис го анализираше аспектот на  информираност на граѓаните за обработката на личните податоци со користењето на мобилната апликација МОЈ ДДВ.

Мобилната апликација МОЈ ДДВ е достапна на Google Play Store и App Store, а пред самата инсталација граѓаните можат да се информираат за техничките спецификации, начинот на скенирање на сметките и за одговорите на често поставуваните прашања. Она што недостасува е Политика на приватност која на лесно разбирлив начин ги објаснува мерките кои Управата за јавни приходи ги презема за безбедност и заштита на личните податоци на граѓаните кои се обработуваат со користењето на апликацијата.

Согласно Генералната регулатива за заштита на личните податоци (General Data Protection Regulation – GDPR), контролорот Управа за јавни приходи треба да преземе соодветни мерки за да обезбеди во концизна, транспарентна и лесно достапна форма информација до граѓаните за тоа:

  • Кои се целите и законската основа за обработката на личните податоци и дали во иднина податоците може да бидат обработувани за други цели освен за користење на мобилната апликација МОЈ ДДВ
  • Дали личните податоци ќе бидат откриени на други корисници надвор од Управата за јавни приходи
  • Кои се роковите на чување на податоците од страна на Управата за јавни приходи
  • Како граѓаните може да го остварат своето право на исправка и бришење на личните податоци кои ги дале за целите на користење на мобилната апликација МОЈ ДДВ

Дополнителна забуна за граѓаните кои сакаат да се информираат за своето право на приватност е и претставувањето на Полисата за користење на UJP.GOV.MK од 2017 година како документ кој ја регулира заштитата на личните податоци на корисниците на МОЈ ДДВ. Оваа Полиса не може да биде третирана како политика за приватност за корисниците на мобилната апликација МОЈ ДДВ бидејќи целта заради која се обработуваат податоците при користењето на апликацијата, обемот на податоци кои се обработуваат не соодветствуваат со целите и обемот на податоци за користењето на UJP.GOV.MK.

Метаморфозис препорачува креирање на посебни политики за приватност за секоја одделна апликација преку која граѓаните за да остварат некое свое право, откриваат лични податоци.