Мени

Тринаесетта конференција е-Општество.мк на тема: Слобода и приватност

esociety4Тринаесетти пат по ред Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис ќе ја организира меѓународната конференција „е-Општество.мк“. Конференцијата ќе се одржи на 22 ноември во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, а темата ќе биде „Слобода и приватност“ со особен фокус на реформите во областа на медиумите.

На настанот, во четири одделни сесии ќе дебатираат и дискутираат дваесетмина претставници на институциите, медиумските организации и граѓанскиот сектор со крајна цел да придонесат во зајакнувањето на јавната свест за реформските приоритети и предизвици во медиумската сфера.

Според извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, „е-Општество.мк“ е конференција која е замислена како заеднички простор за вмрежување и споделување искуства, но и можност за информативна јавна дебата, како основен предуслов за меѓусебна комуникација помеѓу носителите на одлуки, невладините организации и медиумите.
„На крајот, конференцијата ќе остави можност за креирање коалиција на граѓански организации и на медиуми за надзор и застапување на исполнувањето на реформите“, вели Јашари.

Тој додава оти фактот дека Метаморфозис ја организира оваа меѓународна конференција по тринаесетти пат, покажува колку е голема потребата за ваков форум каде сите релевантни чинители дебатираат и со тоа придонесуваат во севкупниот процес на развој на демократските процеси во Македонија.

Сите заинтересирани можат да присуствуваат на конференцијата преку регистрација на официјалната веб-страница: e-society.mk најдоцна до петок, 17 ноември 2017 г., 13:00 часот, а на истата веб-локација можете и да ја погледнете првичната агенда за настанот.

За дополнителни информации тимот на Метаморфозис ви стои на располагање преку е-пошта (contact@e-society.org.mk) или на телефон 02/3109 325.