"Бројот на заинтересирани ги надмина нашите очекувања, а преводот на корисничкиот интерфејс го завршивме исто така побрзо од очекувањата, што остави простор за превод на помошта," изјави Арангел Ангов од Слободен софтвер – Македонија.

"Тоа што на маратонот се приклучија и студенти по македонски јазик со посредство на Сојузот на студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ зборува за високата свест и заинтересираноста за професионална надградба во насока на новите технологии на идната генерација на лектори," изјави Николче Мицкоски од Фондацијата Метаморфозис.

Корисничкиот интерфејс на Опенофис 2.0 (OpenOffice.org 2.0) беше целосно преведен во саботата попладне, а потоа напорите беа насочени кон преведување на што е можно поголем дел од датотеките за корисничка помош.

Следниот чекор што ќе го преземат организаторите е лектура и коректура на преведеното, спроведена од страна на професионални лектори и компјутерски експерти и подготовка на упатство за работа што особено ќе го олесни користењето на софтверот за граѓаните кои не знаат англиски или првпат се среќаваат со компјутери,

По завршувањето овој слободен софтвер ќе стане достапен за јавноста, преку веб-сајтовите на Метаморфозис и Слободен софтвер и на посебно бесплатно ЦД.

Фондацијата Метаморфозис најавува поддршка и за други проекти со кои ќе се придонесе за намалување на пиратеријата, ќе се создаваат содржини на локалните јазици и ќе се овозможува вклучување на што поширок слој граѓани во користење на придобивките на информатичките технологии.

Сподели: