obuka_01.2013Обуката траеше 3 работни дена и започна со сесијата за фотографија, на која учесниците се запознаа со техниките за брза обработка на фотографии наменети за поставување на веб со помош на софтверот Picasa, а стекнаа и знаења за напредна обработка на фотографии со помош на софтверот за обработка на фотографии Gimp.

Втората половина од денот продолжи со сесијата за обработка на аудио записи. На оваа сесија учесниците се снимаа со помош на компјутер и микрофон, го користеа софтверот Audacity за да го обработат снимениот материјал и на тој начин практично се стекнаа со основните технички вештини за креирање и обработка на звучни записи наменети за поставување на веб.

Вториот ден учесниците се запознаа со процесот на обработка на видео материјал и стекнаа вештини за креирање и обработка на видео записи наменети за поставување на веб.  И во оваа сесија учесниците практично го применија наученото преку вежба за уредување на видео во Windows movie maker.

obuka1_01.2013Остатокот од денот учесниците работеа со сервисите кои им овозможуваат да креираат мултимедија на веб. Во оваа сесија, освен што се запознаа со онлајн сервисите, преку практични вежби кои се надоврзаа на работата во претходните сесии, сработеното го искористија за да работат на создавање на слајд шоу од фотографии со помош на сервисот за фотографии Flickr, објавување на аудио содржни на веб со Sound Cloud, изработка на слајдкасти (презентации + аудио подлога) со Slideshare, објавување и обработка на видео содржини на веб со Youtube, како и титлување на видео содржини со Dotsub. Овие знаења ќе им помогнат да креираат мултимедијални содржини преку бесплатни веб-сервиси и користење на овие сервиси за збогатување на своите веб-написи како и додавање на мултимедијална компонента на вообичаените секојдневни вести.

Последниот ден, започна со запознавање со правилата за пишување на веб преку практична работа во WordPress и Joomla, а учесниците преку вежби научија како да ги уредуваат своите вести и да вградуваат мултимедијални содржини во своите веб-написи. На крајот на оваа сесија се запознаа и со слободните лиценци Криејтив комонс и нивната практична примена во дигитален контекст.

Во последната сесија од тридневната обука,  на учесниците им беа презентирани тактиките за промоција на веб-содржини преку социјалните медиуми Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Линкдин, Пинтерест и Гугл +, како и техниките за интеракција со онлајн-публиката и привлекување нова. Оваа последна сесија им овозможи на учесниците да бидат во тек со најновите трендови за промоција преку социјалните медиуми.

Со оваа обука бројката на обучени новинари достигна 43, а Метаморфозис и понатаму продолжува со имплементација на овие обуки.

Сподели: