Мени

Власта создава атмосфера на линч: Пешевски веднаш да поднесе оставка!

Фронтот за слобода на изразување, НВО Инфоцентарот, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Метаморфозис, ЦИВИЛ, Осми Септември, Македонскиот центар за европско образование, Плоштад Слобода, Центарот за современи уметности и ОКНО, изразуваат голема загриженост заради се почестите напади врз новинари, сопственици на медиуми и граѓански активисти кои имаат критички однос спрема власта и нејзините политики.

Вчерашниот физички напад на вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски врз сопственикот на порталот Мактел, Саше Ивановски, но и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, претставуваат јасен и недвосмислен показател за атмосферата на линч и насилство во општеството, која постојано ја создаваат и засилуваат власта и нејзините приврзаници.

Вицепремиерот Пешевски, како висок функционер во Владата на РМ, треба да знае дека неговата приватност е многу помала од онаа на обичниот граѓанин и дека во секое време и на секое место треба да биде отчетен и транспарентен за својата работа.

Имајќи го предвид сето ова, бараме Пешевски да си поднесе итна и неотповиклива оставка, а надлежните институции да ги преземат сите мерки за расветлување и санкционирање на овој насилнички акт.

Едновремено, бараме надлежните институции да ги преземат сите мерки за откривање и казнување на сторителите и на сите други напади врз критичарите на власта, кои се случија во изминатите неколу месеци.