Мени

Во Подгорица презентирани резултатите од истражувањето за отвореноста на извршните власти во регионот

На 24 април, во Хотел Центре Виле во Подгорица, Црна Гора, се одржа конференцијата со наслов: „Отвореност на институциите на извршната власт во регионот и Црна Гора“ каде беа презентирани резултатите од истражувањето за отвореноста на извршните власти во регионот спроведено во рамките на проектот ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа.

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Црна Гора, г. Аиво Орав рече дека без отворени институции нема добро владеење, а без добро владеење не може да има владеење на правото.

20170424140921

„Доколку институциите не ги споделуваат информациите, тоа вообичаено значи дека имаат нешто да сокријат. За оние држави кои тежнеат кон членство во ЕУ, такви тајни не би требало да постојат.“ – рече Орав. „Не постои такво нешто како што е премногу транспарентност и премногу отвореност“ – заклучи тој.

Транспареноста е предуслов за напредок

Државниот секретар на Министерството за јавна администрација на Црна Гора, г. Горан Јоветиќ рече дека нивото на отвореност и транспарентност на државните институции е предуслов за секој демократски и економски напредок.

Директорот на Центарот за демократска транзиција – ЦДТ, една од партнерските организации во проектот ACTION SEE, г. Драган Копривица, рече дека отвореноста на властите претставува еден од основните постулати на доброто владеење и важна карактеристика на секое демократско општество.

„Отвореноста е општа односно јавна вредност на развиените општества и важен инструмент за контрола на работата на властите од страна на институциите и граѓаните. Исто така, таа претставува важен инструмент за превенција на корупцијата“ рече Копривица.

За жал, тој смета дека ова е тема за која малку се зборува во регионот, а уште помалку се преземаат конкретни чекори за достигнување на стандардите за отвореност.

„Затоа, членките на мрежата ACTION SEE со поддршка од National Endowment for Democracy (NED) и Европската комисија, развија научно базирана методологија за мерење на отвореноста во регионот. Подготвивме индикатори кои даваат веродостојна слика на отвореноста и прибравме податоци за владите, министерствата и останатите органи на државната власт во 6 држави во регионот“ додаде Копривица.

Работата на институциите е измерена врз основа на повеќе од 80 индикатори и над 15.000 прибрани податоци за нив.

„Политиката на отвореност мора да биде политика на сите влади во регионот, мора да најде свое место како и останатите важни државни политики“, заклучи Копривица.

Резултати од истражувањето

За отвореноста на извршните власти во регионот зборуваа претставници од Центарот за демократска транзиција – ЦДТ од Црна Гора, Зошто не? од Босна и Херцеговина, CRTA од Србија, Метаморфозис од Македонија, Mjaft! од Албанија и Open data Kosovo од Косово.

SONY DSC

Отвореноста на извршните власти во регионот не е на задоволително ниво. Во просек, отвореноста исполнува 47% од индикаторите. Отвореноста на извршните власти на Црна Гора е на прво место во регионот со вкупно исполнување на 66% од индикаторите. По неа следува Србија со 56%, Босна и Херцеговина со 44%, Косово со 40%, Албанија со 38% и Македонија со 36%.

Затвореноста на институциите е забележана на повеќе полиња, од спроведување на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, прикажување на кој начин институциите ги трошат парите на граѓаните, до користење на застарени начини на комуникација.