Мени

Заедницата Global Voices ги поддржува мароканските поборници за слободно изразување

Заедницата на Global Voices бара правда за седум поборници за слободно изразување, кои се соочуваат со судење во Мароко поради нивните залагања и активности.

Седумте поборници се залагаа за одбрана на човековите права, од властите бараа да бидат одговорни пред јавноста и да го одржуваат владеењето на правото во земјата. Петмина се обвинети за „загрозување на внатрешната безбедност на државата”, а двајца се соочуваат со обвиненија дека „примале средства од странство без да го известат Генералниот секретаријат на Владата“. Ја повикуваме мароканската влада да се придржува до своите обврски од меѓународните договори за човекови права и да ги отфрли сите обвиненија против овие седум лица.

Меѓу обвинетите е и Хишам Алмират, лекар и долгогодишен член на нашата заедница. Не можеме да молчиме кога станува збор за оваа закана за нашиот пријател. Хишам имаше водечки глас во мароканската блогосфера речиси една деценија. Тој е ко-основач на неколку проекти за граѓански медиуми, меѓу кои и Talk Morocco и Mamfakinch, а беше и директор за застапување на Global Voices. Одржувајќи рамнотежа меѓу неговата професија и пасија, Хишам долги години работеше на подобрување на животот и благосостојбата на Мароканците, и како застапник за граѓанското општество и како лекар.

Како и други медиуми и групи за човекови права низ целиот свет, стравуваме дека овој случај претставува обид на мароканската влада да ги замолчи сите оние кои ги критикуваат нејзините политики и практики.

Сметаме дека ова не е закана само за нашиот пријател и колега, туку и за нашата општа мисија. Како заедница составена од блогери и активисти од повеќе од 160 земји, се повикуваме на универзалното човеково право на секојдневно слободно изразување, додека раскажуваме приказни од заедниците низ целиот свет во кои немаме доволен број застапници.

Ги повикуваме нашите сојузници да ја поддржат нашата порака и ги повикуваме странските влади да бараат одговорност од мароканската влада за своите постапки и принципи. #Justice4Morocco

Извор: Global Voices Advocacy “Global Voices Community Stands With Moroccan Free Expression Advocates” 18 ноември, 2015.