Мени

Започнува третото ACTION SEE мерење на извршната, локалната и законодавната власт

Во рамки на проектот ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“, заедно со други партнери од регионот, почнува со третото мерење на процентот на исполнување на индикаторите за отвореност, отчетност и транспарентност на владите и државните институции во шест земји од регионот.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, преку меѓународни стандарди, препораки, како и примери на добри практики, се оценуваат министерствата, извршните агенции и институции, Собрание, локална самоуправа и судство, според посебни квантитативни и квалитативни показатели, како на пример: пристап до информации на официјалните веб страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, итн.

Согласно минатогодишното мерење беше изработена публикацијата „Сеопфатен план за добро владеење“, во која, покрај главните заклучоци за отвореноста на одделните институции, се истакнати следните чекори за подобрување на состојбите:

 

За да ги исполнат индикаторите за спречување судир на интереси, министерствата треба да ги објавуваат анкетните листови на функционерите на својата веб-страница, а воедно и да поставуваат линк до Државната комисија за спречување корупција, каде во согласност со закон се поставуваат анкетните листови.

Другите извршни органи потребно е да го објават годишниот буџет на институцијата, како и полугодишниот извештај за трошењето на буџетот, за да ја подобрат оценката за буџетската транспарентност, која изнесува 13 %.

Повеќе за институциите на овој линк

 

Собранието на РМ треба да работи на подобрување на отвореноста на работните тела (комисиите), со тоа што би се објавувале присуствата на пратениците на сесиите, стенограмските и видео записите, како и начинот на гласање на пратениците на работните тела. Според сегашната пракса се објавуваат заклучоците и предложените амандмани, а видео записите (кои се емитуваат и со задоцнување од неколку дена и без информации кога ќе се објават од одредени седници) и покрај тоа што се емитуваат на националниот собраниски ТВ канал, не се објавуваат на веб страницата на Собранието.

Повеќе за Собранието на овој линк

 

Принципот на интегритет судовите го исполнуваат со 42 % од индикаторите, што е голем пад од 2016 година кога истиот принцип бил исполнет со 65%. Односно, овој принцип вклучува механизми за спречување корупција, примена на етички кодекси и регулирање на лобирањето. Етичките кодекси за судиската етика од 2006 и 2014 год. и за обвинителите од 2004 и 2014 год., иако се воведени одамна , има малку докази за придржување до нив.

Повеќе за судската власт на овој линк

 

Само третина од општините имаат пракса да ги објавуваат полугодишните извештаи за извршување на буџетот , преку кои граѓаните добиваат прецизни информации за приходите и расходите во текот на годината. Сето ова придонесува индексот на транспарентност, во поткатегоријата буџетска транспарентност општините да го исполнуваат со скромни 37%. А 80% не ги објавуваат одлуките од спроведените јавни набавки на нивните веб страници.

Повеќе за општините на овој линк:

Крајната цел на проектот е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.

 

Проектот Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа – ACTION SEE е финансиран од Европската Унија, а е спроведуван од Фондацијата Метаморфозис, Вестминстер Фондација за Демократија, CRTA – Центар за истражување, транспарентност и отчетност, Здружение на граѓани Why not?, Центар за демократска транзиција, Open Data Kosovo (ODK) и Levizja Mjaft!.

Гледиштата изразени во овие истражувања се исклучиво на авторите и истражувачите.