Мени

Заврши втората меѓународна конференција „е-Општество.Мк“

e-soc.mkОд 15 до 17 ноември во хотелот Холидеј ин во Скопје се одржа втората меѓународна конференција е-Општество.Мк во организација на Фондацијата Метаморфозис. На конференцијата беа разработени теми поврзани со најдобри пракси при градење институционална рамка за е-општество, е-влада и граѓанско учество, слободен пристап до информации и приватност на личните податоци, законодавство за е-трговија, компјутерски криминал и сигурност, влијание на новите медиуми на применетата политика: премин на дигитално емитување, изградба на синергија: надминување на јазот еЕУ-еЈИЕ, евалуација на ИТ-проекти од родова перспектива, интернет-новинарство, блогирање и други нови медиуми, слобода на изразување на интернет и анонимност, е-пристапност: вклучување на луѓето со посебни потреби во информатичкото општество, слободен софтвер и други. Во рамките на конференцијата се одржаа и шест работилници за практичен пренос на знаења.

Конференцијата имаше регионална димензија со учество на триесетина експерти од Балканот и пошироко и предизвика голем интерес меѓу јавноста, носителите на одлуки, меѓународните развојни агенции и експертите. На неа присуствуваа и зедоа учество околу 300 луѓе. Конференцијата ја отвори министерот за транспорт и врски на Република Македонија, Миле Јанакиески. 

Втората меѓународна конференција е-Општество.Мк беше помогната од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Институтот отворено општество.