Македонските граѓани сакаат да учествуваат во процесот на донесување одлуки, но не знаат како да го сторат тоа на лесен, брз и едноставен начин. Токму затоа, на денешната завршна конференција за проектот „Акциска мрежа за добро владеење“, беше презентирана мобилната апликација Picodemocracy како едноставен модел преку кој може да се чуе мислењето на граѓаните за оние прашања кои им се ним битни. Проектот е финансиран од Европската унија, а го спроведоа Фондацијата Метаморфозис, заедно со Македонскиот центар за европско образование и Реактор – истражување во акција.

^4F2E1BF2470305A2200D12C6F9DF8B6C6C93827EBCDC410373^pimgpsh_fullsize_distr

На завршната конференција, која се одржа во ЕУ Инфо Центар во Скопје, шефот на Делегацијата на ЕУ, Аиво Орав, истакна дека развојот на ИКТ алатки, како што е мобилната апликација Picodemocracy, овозможува поголеми придобивки од новите технологии и нивно искористување на патот кон граѓанско општество кое е интегрирано во процесот на донесување одлуки.

„Иницијативите како проектот „Акциска мрежа за добро владеење“, што го комбинираат градењето на капацитетите на граѓанските организации со доделувањето на подгрантови, им овозможуваат на локалните организации да работат на одредени прашања од областа на доброто владеење што ги засегаат заедниците во коишто работат, поставувајќи добар пример за овозможувањето на развојот на граѓанското општество“, изјави Орав.

Како што истакна евроамбасадорот, да се има добро, легитимно и ефективно владеење е во сржта на Европската развојна политика.

„ЕУ конзистентно работи на тоа да обезбеди дека Европските институции да функционираат под принципите на добро владеење: транспарентност, партиципативност, отченост, ефиканост и кохерентност. Ова е клучно за постигнување на одржлив развој на општеството, но исто така и обезбедување на заштита на најмаргинализираните и најранливите категории граѓани“, рече Орав.

Тој додаде дека според Извештајот на Европската комисија за напредокот за 2014 година, силното граѓанско општество е клучна компонента на секој демократски систем и треба како такво да се перцепира и третира од страна на Владата.

Директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, посочи дека преку имплементацијата на проектот и активностите што ги преземале заедно со партнерите, се покажало дека граѓаните сакаат да учествуваат во процесот на донесување одлуки, особено затоа што одлуките влијаат директно врз квалитетот на нивниот живот. Но, тоа сакаат да го направат на едноставен и брз начин.

И покрај тоа, според Јашари, граѓаните не знаат како да учестуваат во процесот на донесување одлуки бидејќи механизмите кои што постојат и на локално и на централно ниво, а се веб базирани, се многу сложени и граѓаните се обесхрабрени да ги користат. А, кога ги користат, или немаат доволно време или нивните предлози не се земаат предвид.

„Затоа, во рамките на овој проект, ние се обидовме да развиеме еден модел кој се нарекува Picodemocracy. Тоа е мобилна апликација која им дава можност на граѓаните на брз и едноставен начин да го искажат својот став за прашања кои им се важни. Останува на носителите на одлуки тие ставови да ги земаат предвид кога носат одлуки или закони“, вели Јашари.

Покрај воведните обраќања, говорниците на завршната конференција дискутираа на темите: добро владеење, корупција, транспарентност и отчетност.

Во рамките на овој проект доделени се 16 мали грантови на граѓански организации кои ја формираат Акциската мрежа за добро владеење, која претставува платформа за соработка на граѓански организации, неформални инцијативи и поединци кои работат на полето на доброто владеење, а се стреми кон унапредување на доброто владеење како еден основните предуслови за демократизација на општеството и напредок во евро-атланските интеграции.

За време на конференцијата, грантистите во рамките на Акциската мрежа за добро владеење ги презентираа нивните проекти, како и нивните искуства и научени лекции од имплементацијата на истите.

Сподели: