Мени

Виетнам ќе ја префрли целата јавна администрација на софтвер со отворен код

Целата јавна администрација во Виетнам ќе изврши миграција на ИТ системите кон софтвер со отворен код. Министерството бара од дистрибутерите да продаваат компјутери со слободен софтвер и да престанат да продаваат компјутери со пиратски софтвер.

Министерството за информации и комуникации на 30 декември издаде упатство до сите државни агенции да почнат да користат софтвер со отворен код, известува владината новинска агенција Виетнамнет.

Канцеларискиот пакет ОпенОфис базиран на слободен софтвер, интернет прелистувачот Фајрфокс и клиентот за електронска пошта – Тандрбрд треба да бидат инсталирани во сите владини агенции до крајот на јуни оваа година. Дотогаш, најмалку половина од персоналот треба да биде обучен за користење на овие три апликации.

До крајот на годината, софтверот треба да биде инсталиран на 70 отсто од сите компјутери и најмалку 40 отсто од корисниците треба да ги користат апликациите. На крајот од 2010 г., целиот персонал во сите агенции треба да биде оспособен да ги користи избраните апликации со отворен код, очекува министерството.

Според извештајот на новинската агенција IDG, државата од југоисточна Азија се надева дека користењето на софтвер со отворен код ќе го зајакне локалниот софтверски сектор. Во 2004 г. земјата започна со промовирањето на ваков вид софтвер во универзитетите и јавната администрација.

Виетнам е третата држава што масивно мигрира кон софтвер со отворен код.
Во 2005 г. Венецуела најави дека го планира истото за сите 27 министерства и повеќе од 520 други државни организации. Од организациите првобитно се очекуваше да мигрираат пред декември, 2007. Рокот подоцна беше продолжен до крајот на минатата година. Минатата недела, центарот за софтвер со отворен код на малезиската влада извести дека миграцијата на малезискиот јавен сектор кон софтвер со отворен код резултираше со заштеди на трошоци за лиценцирање од околу 8.5 милиони евра. На пр., ресурсниот центар за софтвер со отворен код во неговиот тромесечен билтен пишува дека ОпенОфис го користат 12.760 државни службеници. Користењето на алтернативата софтвер со отворен код и заштедува 2.5 милиони евра на владата за трошоци за лиценцирање.

Извор: Open Source Observatory “Vietnam to move all public administrations to open source” 14 јануари, 2009.

Поврзани натписи