Мени
mediapolicy

Македонскиот радиодифузен сектор во криза, јавниот сервис на раб на колапс

Според новиот извештај на Институтот отворено општество, радиодифузниот сектор во Македонија сеуште е обременет од огромните структурни проблеми и покрај новото законодавство со кое се зајакнува независноста на регулаторот и на јавниот радиодифузен сервис.

mediapolicy

 

Во рамките на јавниот настан организиран на 3 ноември, 2008 г., во Скопје, од страна на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) беше претставен извештајот изработен од страна на Весна Шопар од Европскиот универзитет – Република Македонија.

 

Телевизијата во Европа:

Мариус Драгомир, проект менаџер во Програмата за медиуми на Институтот Отворено Општество, Лондон идентификуваше три важни трендови врз основа на извештаите од деветте земји, кои се надоврзуваат на Извештајот од 2005 г. Најзагрижувачкиот тренд во сите земји е уште поагресивната политизација на јавните радиодифузери и регулатори, и големата конфузија во секторот, особено поради преклопувањето меѓу регулаторите на содржината и техничките регулатори. Со дигитализацијата се олесни процесот на лиценцирање и се приближивме до либералниот пристап. Регулаторите тврдат дека дигиталниот пренос овозможува неограничен број на фреквенции, и го користат ова тврдење како изговор – иако дигиталниот фреквентен опсег не е бесконечен. Исто така, се чини дека тие се преплавени од зголемениот број на нови содржини. Со извештајот се препорачува да се одржат барем мал дел минимални стандарди со цел да се обезбеди плурализам на размислувањата во медиумите.

Концентрацијата на сопствеништвото е вториот тренд, и важно е преку строго регулирање да се обезбеди вкрстено сопствеништво за да се спречи монополизацијата од страна на телекомуникациските компании или други кои би можеле да ги поседуваат сите системи за пренос во една земја.

Трето, јавните радиодифузни сервиси во речиси сите земји опфатени со извештајот се дури повеќе политизирани и побавно се приспособуваат на технолошкиот напредок, и не можат да најдат начини да се самофинансираат. Единствениот добар пример е јавниот радиодифузен сервис во Чешката Република, кој користи модел сличен на германскиот и собира пари од претплатата, додека случајот со Македонија е најлош.

Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми укажа дека спроведувањето на Законот за радиодифузија е парцијално и селективно, при што се врши и политички удар за контрола врз независното тело и целосна доминација врз МРТВ. По остварувањето на втората цел властите сега не знаат што да прават со јавниот сервис. Според него, „регулаторот не функционира“ а распадот во МРТВ се гледа од фактот дека пред 6 месеци ја затвори санитарна инспекција заради ѓубре по ходници: „Таа тоне и еден ден веројатно ќе ја најдеме во Вардар оти темелите ќе попуштат од неодржување. Од друга страна сите општествени фактори се фаќаат за срце кога ќе се спомене МРТВ и нејзината улога за зачувување на македонскиот јазик, култура и идентитет“.

Според Беличанец, недостатокот на политика и стратегија во оваа сфера ја сведува Македонија да функционира само на ниво на базични инстикти, со рефлексни реакции на условувањата на тутори кои применуваат или стап или морков.

Горан Гаврилов од Здружението на приватни радиодифузери укажа дека при делењето лиценци за национални телевизии Советот функционира како бизнис чија цел е да собере што повеќе пари, не земајќи ги предвид техничките и други критериуми потребни за доделување лиценци. Оддолжувањето на дефинирањето на регионите, како и тоа што веќе постојат 16 национални дифузери, го прави најавеното издавање лиценци на регионално ниво ирелевантно. Од друга страна, ако се даваат лиценци на сите, тогаш испаѓа дека нема потреба од регулатор, а постоењето или непостоењето на Советот за радиодифузија не прави разлика во однос на медиумската концентрација.

Гаврилов укажа на загрижувачкото влијание на јавното претпријатие Македонска Радиодифузија со оглед на тоа што во негова сопственост се клучни системи за пренос, како и постојаните тенденции за негова политизација и отуѓување преку приватизација.

Надоврзувајќи се, Беличанец укажа на случајот со отпуштањето на уредникот на весникот „Шпиц“ од страна на сопственикот на А1 ТВ, кога јавно било обелоденет односот на зависност, по што Советот не реагирал. Тој посочи дека за да се реши проблемот за непреземање истражни дејствија има потреба со закон строго да се дефинираат постапките за активирање на државните механизми против медиумската концентрација.

Тој исто така истакна дека се потребни јасни правила за регулација на пристапот кон мрежи „за да не се доведеме во ситуација медиуми во Македонија да се гасат или палат во зависност од волјата на телекомуникациските оператори“. Дополнително, телекомите се заинтересирани за пласирање само на забавна продукција, со што би се задушиле сите други видови содржини.

Цел на настанот беше да се дебатира за наодите од извештајот, како и состојбите кои настанале во периодот помеѓу неговото составување (април 2008) и објавување. Присутните претставници на Советот за радиодифузија изјавија дека на расправата нема да даваат коментари туку своите ставови ќе ги достават подоцна во писмена форма.

Во Македонија поради политички притисоци во последните неколку месеци исто така е блокирана и работата на Агенцијата за електронски комуникации, со што се спречува нејзиното ефикасно работење како регулатор.

Поврзани натписи