Мени

Извештај: „Шест причини за користење на слободен софтвер“

Според извештајот „Софтверот со отворен код во претпријатијата“ објавен од О’Рајли рисрч објавен минатиот месец, постојат шест главни фактори поради кои ИТ организациите применуваат софтвер со отворен код.

Прво, софтверот со отворен код им овозможува на ИТ организациите брзо да ги развијат и модификуваат софтверските системи со цел да одговорат на променливите услови во бизнисот. Второ, ја намалува зависноста од продавачите на комерцијален софтвер.

Трето, софтверот со отворен код го подобрува квалитетот и безбедноста на ИТ операциите поради неговата карактеристична транспарентност и рапидно подобрување. Четврто: имплементирањето на бесплатни или евтини решенија на софтвер со отворен код помага во намалувањето на ИТ трошоците. Петтиот аргумент е дека благодарение на софтверот со отворен код, ИТ организациите помалку зависат од софтверските компании со седиште во САД во однос на локалниот развој. Според О’Рајли, шестиот фактор е дека софтверот со отворен код овозможува иновација, бидејќи новите понуди се поевтини за изнесување на пазарот.

Извештајот на О’Рајли е наменет за директори на информатички компании, ИТ менаџери и сопственици на бизниси што сакаат да испорачуваат софтвер со отворен код.

Обидувајќи се да утврдат колкав број на компании користат софтвер со отворен код, О’Рајли ги погледнаа огласите за работа од големите претпријатија. „Вработувањата во областа на софтвер со отворен код, претставуваат околу 5 до 15 отсто од вкупните вработувања на ИТ персоналот во големите ИТ организации“.

О’Рајли вели дека во однос на софтверот со отворен код, прашањето не е повеќе „дали?“, туку „како?“. Во извештајот се наведени три акциски планови за помош на организациите при преминувањето од ад-хок кон еден поформален пристап кон софтверот со отворен код. Првиот од нив е наменет за организации што имаат мало искуство и сакаат да посветат поголемо внимание на тој софтвер. Второто сценарио е наменето за организации што се редовни корисници на софтверот со отворен код, но сакаат да го подобрат своето знаење. Третиот акциски план е наменет за ИТ организации што имаат намера да го зголемат користењето на софтверот со отворен код за иновациски бизнис понуди.

Извор: Open Source Observatory: ‘Six drivers for using Open Source” 19 август, 2008.

Поврзани натписи