Мени

Американските агенции имаат неограничен пристап до податоците на интернет

Според документите до кои дојдоа Washington Post и Guardian, NSA и FBI собираат е-пораки, фотографии, документи, видео и аудио разговори директно од централните опслужувачи на девет водечки американски интернет компании во рамките на програмата наречена PRISM за којашто јавноста досега не беше информирана.

Како што се спомнува во еден од документите, станува збор за компаниите Microsoft, Yahoo, Google, Facebook, Paltalk, AOL, Skype, YouTube и Apple.

Се чини дека британскиот еквивалент на NSA, агенцијата GCHQ собира ист тип податоци од истите компании преку PRISM којашто им овозможува да го заобиколат формалниот британски правен процес за добивање лични материјали како што се e-пораки, фотографии и видеа од интернет компании со седиште надвор од земјата.

Исто така, анонимен извор од холандските разузнавачки служби за холандски De Telegraaf откри дека тие имаат неограничен пристап до податоците на цивилите и претпријатијата. Иако овој пристап треба да биде ограничен со внатрешни постапки, тие очигледно можат лесно да преземаат информации преку PRISM. Слични активности беа пријавени во Белгија и Германија.

САД немаат сеопфатно државно законодавство за приватност, туку имаат мерки за шпионирање како што се Патриотскиот акт и FISAAA. Згора на тоа, со Уставот се опфатени само американските граѓани, додека странските корисници на интернет-услуги имаат навистина мала заштита од упади на американската влада.

За да бидат работите уште полоши, ЕУ не успеа во процесот на усвојување соодветна регулатива за заштита на податоци. Првичниот нацрт на регулативата беше ослабен од страна на силното американско лоби. Заштитните мерки наменети за создавање правна основа при преносот на податоци во трети земји беа отстранети како директна последица на американскиот притисок. „Чудно е што поголемиот дел од комесарите одлучија дека сакаат да се откажат од оваа стратешка предност, во замена за, по сè изгледа – ништо“, објаснува Џо Мекнејми, извршен директор на ЕДРи.

Во прилог на „разводнувањето“ на предложената Регулатива, земји како Обединетото Кралство се обидуваат да го одложат процесот и да го вклучат во договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД (TTIP /TAFTA), со што дискусијата за фундаментални права би била подредена на трговските преговори.

Холандскиот либерал Софи Инт Велд за EUObserver изјави дека се надева дека скандалот PRISM „би можел да помогне да се подигне свеста“ околу прашањата во Брисел и смета дека Европската комисија мора да заземе поцврста позиција во идните разговори со САД. „Јас сум малку изненаден што сите се толку возбудени околу овој најнов скандал. Тоа е само еден од многуте примери за тоа како САД ги собира нашите податоци без да нè извести, но и пример дека Европската комисија не прави ништо во врска со тоа“, рече Инт Велд.

Извор: ЕДРИ-грам „US agencies have unlimited access to Internet data“ бр. 11.12, 19 јуни, 2013.

Поврзани натписи