Мени

Апликацијата „Places“ на Фејсбук им овозможува на корисниците да ги следат пријателите и услугите

Над 500 милиони корисници колку што во моментот има Фејсбук, наскоро ќе имаат можност да следат каде се наоѓаат нивните пријатели низ САД, како резултат на новата технологија што ја воведува најголемата друштвена мрежа на интернет со цел уште повеќе да го поврзе својот виртуелен свет со секојдневниот живот.

Новата апликација „Places“ – која ќе стартува од среда за некои корисници и ќе се прошири на национално ниво за неколку недели, е промовирана како алатка која ќе им помогне на корисниците да известат каде се, да дознаат кој е во близина, и да проверат какви настани и услуги има во таа област.

Додавањето на т.н. услуги на лоцирање на Facebook – потег за кој оние што ја следат конкретната индустрија шпекулираа со месеци – отвора нови можности за приходи за компанијата, но исто така создава и нови деликатни предизвици за компанијата во однос на приватноста.

До апликацијата „Places“ ќе може да се пристапи преку апликацијата на Apple iPhone којашто Фејсбук ја дизајнираше во четвртокот, или од самата мобилна верзија на Фејсбук за смарт телефоните со екран чувствителен на допир.

„Овде не се работи за прикажување на вашата локација на целиот свет, туку за споделување на таа информација само со вашите пријатели“, изјави Мајкл Шерон, продукт менаџер за „Places“.

Корисниците ќе можат да споделат со нивните пријатели каде се наоѓаат секогаш кога тие ќе посакаат, а со тоа ќе бидат изложени на потенцијални понуди, предлози или реклами за бизнисите во близина. Фејсбук во средата соопшти дека нема директни планови да искористува такви можности за заработка.

Корисниците можат да се „најават“ од нивните смарт телефони, емитувајќи ја нивната локација на своите пријатели од Фејсбук – без разлика дали се наоѓаат во ресторан или во парк. Потоа за нивната локација се известува преку популарните статус апдејти на Фејсбук.

Корисниците можат да ја побараат локацијата на пријателите кои се „најавени“ на сличен начин – или преку известувања за статусот или на посебна интернет страница – или да тагираат пријатели кои во моментот се физички до нив, со тоа соопштувајќи каде се наоѓаат.

Но, имајќи ја предвид приватноста, Фејсбук ќе им овозможи на корисниците да ги блокираат функциите на „Places“ како дел од големиот број контроли за приватност и други опции за заштита.

Новите сервиси би можеле да му помогнат на Фејсбук да освои поголем дел од локалниот рекламен пазар преку малите бизниси како што се рестораните и продавниците. Големиот обем на тој пазар – проценет на повеќе десетици милијарди долари годишно само во САД – ги привлече онлајн компаниите како што се Google и Yelp.

„Places“ може да му овозможи на Фејсбук да ги таргетира корисниците со реклами врз основа на нивната моментална локација, или да понуди специјални купони кога корисникот се приближува до одредена бизнис локација, зголемувајќи го својот минатогодишен приход од 700 милиони на 800 милиони долари оваа година, велат упатените.

Извор: Reuters.com “Facebook “Places” lets users track friends and services” 19 август, 2010.

Поврзани натписи