Мени

Азербејџанските блогери пуштени од затвор

Двајцата азербејџански блогери уапсени во 2009г. под лажни обвиненија за хулиганство, конечно беа ослободени од затвор по долгиот и постојан притисок од неколку граѓански организации и Европските меѓународни организации, како што се Европскиот парламент, Претседателството на Европската унија, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ ), Хјуман рајтс воч и Репортери без граници, американскиот претседател Барак Обама и државниот секретар на САД Хилари Клинтон.


Судот во Баку го ослободи Емин Мили на 18 ноември 2010 година, еден ден по ослободувањето на неговиот пријател Аднан Хаџизаде. Меѓутоа, судот не ги ослободи врз основа на нивната невиност, туку само го суспендираше остатокот од нивните казни (14 месеци од 30-месечната и 24-месечната затворска казна, соодветно).

Одлуката беше поздравена од страна на „Репортери без граници“ кои, сепак, го изразија своето разочарување поради фактот што пресудата за блогерите сè уште не е целосно поништена. „Ние сепак жалиме што пресудата не е поништена како што ние инсистиравме, затоа што тие беа уапсени поради остварување на правото на слободно изразување и беа затворени под апсурдно обвинение и една фарса од судски процес. Упорноста не смее да попушти и кампањата мора да продолжи со цел да се заштитат од какво било вознемирување или заплашување од страна на властите и да се добие ослободување на Мили и Фатулајев“, соопшти организацијата.

По неговото ослободување, Хаџизаде ја потврди својата невиност и изјави дека ќе остане во Азербејџан и ќе продолжи со блогирање. Адвокатите на Аднан Хаџизаде и Емин Мили го поднесоа случајот до Европскиот суд за човекови права со надеж дека ќе ја поништи пресудата и ќе ги прогласи за невини.

По тој повод и понатаму продолжува притисокот од сите страни за ослободување на уредникот на весникот Ејнула Фатулајев кој беше затворен во април 2007 година поради неговите политички убедувања, исто така под лажни обвиненија. На 22 април 2010 година, Европскиот суд за човекови права пресуди дека новинарот бил незаконски држен во притвор и побара негово итно ослободување.

Азербејџанскиот Врховен суд делумно се согласи со одлуката на Европскиот суд со тоа што ја одби пресудата по обвиненијата за тероризам и поттикнување на омраза. Сепак, судот ја задржа претходната пресуда за даночна измама и поседување на хероин.

Извор: ЕДРИ-грам „Azeri bloggers released from prison“ бр. 8.23, 1 декември, 2010.

Поврзани натписи