Мени

Берлин: Повеќе од 20.000 лица протестираа против надзорот

Масовниот собир против надзор „Слобода наместо страв“ (Freiheit statt Angst) се одржа во Берлин, Германија, на 7 септември 2013 година.

Настанот го организираше широка граѓанска коалиција од над 80 невладини организации, здруженија и партии кои бараат да се стави крај на надзорот и јасно соопштение од владата околу скандалот со надзорот.

Иако организаторите очекуваа над 10.000 демонстранти , на 7-ми септември, 2013 г. повеќе од 20.000 луѓе се собраа на Alexanderplatz во Берлин не само за маршот, туку и за отворањето и затворањето на собирот.

„Демонстрацијата беше успешна. Оваа година бевме четири пати побројни во споредба со последната демонстрација во 2011 година! Граѓаните излегуваат на улиците во одбрана на нивните основни права и на демократијата“, рече padeluun од Демо Алијансата.

„Само на диктатурата и треба цензура“, „Анонимноста не е кривично дело“ или „За слобода на печатот е потребна заштита на податоците“ – со креативни транспаренти, костими и слогани, луѓето во Берлин протестираа мирно против практиките на шпионажа на NSA, против континуираното повредување на нивната приватност, како и против постојаната неактивност на владата на Меркел.

Рена Тангенс од членот на ЕДРИ Digitalcourage истакна дека „Надзорот е присутен и во Германија и сите граѓани се засегнати. Пребарувањата на интернет, задржувањето податоци и информациските системи за складирани податоци се само неколку примери за анти-демократски мерки на контрола кои треба да се укинат“.

Другите говорници на завршниот собир исто така имаа остри забелешки. Паркер Хигинс, активист на членот на ЕДРИ Electronic Frontier Foundation (САД), предупреди за последиците што сеопштиот надзор ги има врз човековото достоинство. „Ние треба да го земеме системот повторно во наши раце – а за да го сториме тоа, потребно ни е информирано граѓанство и треба да ги усогласиме националните политики со меѓународните принципи на човековите права. Јас се срамам од она што мојата земја го прави во мое име, но денес чувствувам дека сум меѓу мои луѓе – луѓе кои веруваат во слободата и му се спротивставуваат на стравот“.

Мајкл Редиск од Репортери без граници ја нагласи заканата за слободата на печатот која стана секојдневна реалност со надзорот и следењето на новинари од целиот свет преку интернет. „Новинарите се апсат за блог-постови или твитови, нивната е-пошта е под надзор, нивните контакти се под истрага, нивните компјутери се заразени со софтвер за надзор“. Тој посочи дека со скандалот на NSA сега е јасно дека дури и германските новинари се под надзор. Овој надзор не само што ги загрозува германските слободи, туку и го уништува кредибилитетот на Германија како сојузник. „Ние не можеме да им направиме услуга на диктаторите и да станеме исти како нив“.

„Можевме да му дадеме азил на Сноуден ако сакавме“, рече Кристијан Хамборг од Transparency International. Тој го цитираше одговорот на Сноуден при добивањето на наградата Whistleblower: „Владите мора да одговараат пред нас за одлуките што ги донесуваат. Тоа се одлуки за видот на светот во кој ќе живееме. Какви права и слободи ќе уживаат поединците е во доменот на јавноста, а не на владата“.

Организаторите известија за пофалбите од полицијата дека маршот се одржал мирно и без какви било инциденти.

Извор: ЕДРИ-грам „More than 20 000 protest in Berlin against surveillance“ бр. 11.17, 11 септември 2013.

 

Поврзани натписи