Мени

Дигитална агенда: децата користат друштвени мрежи на помала возраст, а голем број од нив не се свесни за основните ризици за приватноста

Според едно се-европско истражување спроведено за Европската комисија, 77 отсто од децата на возраст од 13 до 16 години и 38 отсто од децата на возраст од 9 до 12 години во ЕУ имаат профил на веб-сајт за социјално вмрежување.

Сепак, една четвртина од децата кои користат веб-сајтови за социјално вмрежување како Facebook, Hyves, Tuenti, Nasza-Klasa SchuelerVZ, Hi5, Iwiw или Myvip велат дека нивниот профил е поставен како „јавен“ што значи дека секој може да го види, а голем дел од нив ја прикажуваат нивната адреса и/или телефонски број. Овие бројки ја истакнуваат важноста на претстојниот преглед на Европската комисија на спроведувањето на Принципите за побезбедено социјално вмрежување на ЕУ. Овој договор беше постигнат со посредство на Комисијата во 2009г. кога големите компании за социјално вмрежување се согласија да воведат мерки за обезбедување на сигурност на интернет за корисниците под 18 години. Безбедноста на децата на интернет е важен дел од Дигиталната агенда за Европа.

Нели Крос, заменик-претседателот на Европската комисија за дигиталната агенда вели: „Расте бројот на деца на сајтовите за социјално вмрежување, но многу од нив не ги преземаат сите неопходни чекори за да се заштитат себеси на интернет. Овие деца самите се изложуваат на опасност, и се ранливи на демначи и онлајн-грабливци. Затоа, сите компании за социјално вмрежување треба веднаш да ги направат профилите на малолетниците стандардно пристапни само за нивните контакти од одобрениот список и надвор од досегот на интернет-пребарувачите. Компаниите кои сè уште не се регистрирале за Принципите за побезбедно вмрежување на ЕУ треба веднаш да го сторат тоа со цел да ја обезбедиме сигурноста на нашите деца“.

Децата се активни корисници на сајтовите за социјално вмрежување

Истражувањето што денес го објави мрежата EUKidsOnline, а во кое беа опфатени 25.000 млади од 25 европски земји, покажува дека 38 отсто од децата на возраст од 9 до 12 години имаат профил на веб-сајтовите за социјално вмрежување, од 70% во Холандија до 25% во Франција. Друштвените мрежи се уште попопуларни кај тинејџерите (77% од децата на 13-16 г. возраст велат дека имаат профил).

15 отсто од децата на 9-12 г. возраст велат дека имаат повеќе од 100 контакти на нивниот профил, а над 100 контакти имаат 47% од децата во Унгарија. Од децата на 13-16 г. возраст, децата од Белгија, Данска, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Норвешка, Полска, Шведска и Обединетото Кралство е поверојатно да имаат повеќе од 100 контакти отколку децата од другите земји.

Многу деца имаат јавни профили што може да ги разгледува секој

Една четвртина од децата на веб-сајтовите за социјално вмрежување велат дека нивниот профил е отворен за јавноста. Една петтина од децата чијшто профил е јавен велат дека на нивниот профил е прикажана нивната адреса и/или телефонскиот број. Во 15 од вкупно 25 земји, децата на 9-12 г. возраст е поверојатно да имаат јавен профил отколку децата на 13-16 г. возраст.

Само 56% од децата на 11-12 г возраст велат дека знаат како да ги менуваат поставките за приватност на нивните профили на друштвените мрежи. Повозрасните млади имаат подобри вештини (78% од децата на 15-16 г. возраст велат дека знаат како да ги променат нивните поставки за приватност.

Што прави Комисијата?

Комисијата го следи спроведувањето на Принципите за побезбедно социјално вмрежување на ЕУ, саморегулаторниот договор потпишан од компаниите за социјално вмрежување во кој тие се обврзуваат да спроведат серија мерки за своите услуги со цел да се осигури безбедноста на малолетниците.

Комисијата наскоро ќе ја објави првата група резултати од проценката на спроведувањето на Принципите за побезбедно социјално вмрежување на ЕУ од страна на следниве потписници: Arto, Bebo, Facebook, Giovani, Hyves, IRC Galleria, MySpace, Nasza-Klasa, Netlog, One.lt, Rate, SchuelerVZ, Tuenti и Zap.

Извештајот објавен денес исто така укажува на тоа дека некои од сајтовите за социјално вмрежување популарни меѓу младите во Европа не се потписници на Принципите за побезбедно социјално вмрежување.

Извор: Europe’s Information Society „Digital Agenda: children using social networks at a younger age; many unaware of basic privacy risks, says survey“ 28 април, 2011.

Поврзани натписи