Мени
OW2

Дигиталната инклузија во Македонија

Здружението „Отворете ги прозорците“ одржа тркалезна маса на тема „Дигиталната инклузија во Македонија“ на 20-ти март, 2013 г. во хотелот „Порта“ во Скопје.

Тркалезната маса, организирана во рамки на кампањата Get Online Week, собра на едно место претставници на Министерството за информатичко општетство и администрација, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Фондацијата Метаморфозис, образовни институции, граѓански организации, основни училишта и лица со попреченост.

OW2„На сите развивачи на веб-решенија им препорачувам да го користат прилагодениот водич за веб-пристапност WCAG, достапен на веб-страницата на Министерството, и да ги направат веб-страниците пристапни за асистивните уреди“, изјави заменик-министерката на МИОА, Марта Арсовска-Томовска. „Лицата коишто имаат најголема корист од употребата на информациско – комуникациските технологии се најчесто лица кои имаат поголеми шанси да бидат исклучени од можноста да ги користат придобивките кои новите технологии ги нудат. На нас останува тоа да го промениме“.

„Е-пристапното образование ги зголемува образовните можности на учениците со посебни образовни потреби. Воведувањето на асистивната технологија во 21 редовно основно училиште во Македонија во минатата учебна година го потврдува тоа“, рече Магдалена Димкова Велевска, дефектолог во „Отворете ги прозорците“.

OW1„Во денешно време, веќе не можеме да се задоволиме само со декларации и желби за инклузија, туку имаме одговорност, а граѓаните имаат право да бидат вклучени! Може многу да се направи и позитивно да се влијае врз животот на многу луѓе, само ако малку ја подобриме нашата работа со тоа што ќе ги земеме предвид потребите на луѓето со хендикеп и другите маргинализирани заедници“. изјави Бардил Јашари, директор на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис.

Присутните беа согласни дека е потребно да се интензивираат тековните напори и иницијативи за подобрување на дигиталната инклузивност на македонското општество.

Учесниците, вклучувајќи ја заменик-министерката Марта Арсовска-Томовска, ја поддржаа кампањата Get online Week преку пополнување на дигиталниот бројач.

Извор: Отворете ги прозорците „Дигиталната инклузија во Македонија“ 20 март, 2013.

Поврзани натписи