Мени

ЕДРи: Слободата на медиумите и плурализмот во Европа

На почетокот на годината, експертска група на Европската комисија за слобода на медиумите и плурализам објави извештај и претстави неколку препораки за заштита и промовирање на слободни и плуралистички медиуми во Европа.

Со цел да се соберат повратни информации за извештајот и препораките, Европската комисија започна јавни консултации на кои ЕДРи одговори на 14-ти јуни. Консултациите имаа цел да отворат дискусија за слободата на медиумите, но без да се наведат сите можни идни активности или конкретни мерки предвидени од Комисијата.

Прво, нагласивме дека со цел ефикасно да се спроведе член 21 од Договорот за Европската унија, ЕУ треба да има кредибилитет на глобалната сцена само кога новинарите и медиумските слободи се заштитени и почитувани во рамките на самата Унија. Го нагласивме фактот дека поддршката за квалитетно новинарство може да се оствари само со соодветна заштита за информаторите и побаравме Комисијата да предложи инструмент за обезбедување правна заштита.

Второ, ја истакнавме важноста на заштитата на слободата на говорот во нашите демократски, отворени и слободни општества, особено во поглед на дигиталната средина. Точно е дека интернетот сам по себе може да дејствува како гарант на слободата на мислење и изразување. Овие фундаментални права треба да бидат заштитени со владеењето на правото и законските рамки. Затоа ја поздравивме препораката на експертската група за овековечување на неутралноста на интернетот во правото на ЕУ. Како што истакнавме во одговорите на претходните консултации со Комисијата и BEREC, има сè повеќе докази дека провајдерите го ограничуваат пристапот до интернет во Европа. Со регулирањето на неутралноста на интернетот ќе се избегнат одредени играчи од индустријата кои стануваат чувари во име на медиумските организации, со моќ над комуникациите на граѓаните и нивните права на слобода на изразување и правата за обезбедување и добивање информации.

Според препораката 12 на експертската група „услугите или претплатите кои обезбедуваат детално персонализирани резултати од пребарувањата треба да обезбедат можност за корисникот да ја исклучи таквата персонализација, привремено за поединечно пребарување, или пак постојано, додека не одлучи поинаку“. Истакнавме дека за сите такви мерки за персонализација или индивидуализација обично е потребно собирање и поврзување на лични податоци што би претставувало опасност за приватноста, како и опасност за плурализмот и пристапот до знаењето.

Во однос на препораката 23, изразивме загриженост околу нејасниот, опасен и веројатно контра-продуктивен текст и предложивме бришење на препораката: „Земјите-членки треба да обезбедат дека ќе се воспостават соодветни инструменти за идентификување на оние кои се одговорни за наштетување на другите, па дури и во интернет-просторот. Сите податоци за интернет-корисници кои се собрани и потребни за оваа намена треба да се чуваат во тајност и да се ставаат на располагање само со судски налог“.

Конечно, истакнавме дека за дефиницијата на експертската група за медиуми или „новинарски активности“ би било потребно дополнително објаснување. Активностите за заштита на слободата на говорот и слободата на медиумите треба да ги опфаќаат и традиционалните медиуми и дигиталниот свет – се произведуваат и консумираат сè повеќе вести не само од страна на традиционалниот печат, туку и од блогерите, граѓаните-новинари и друштвените медиуми.

Извор: ЕДРИ-грам „Media Freedom and Pluralism in Europe“ бр. 11.12, 19 јуни, 2013.

Поврзани натписи