Мени

Европската комисија стартува пилот за отворање на податоците од јавно финансираните истражувања

Вредните информации генерирани од истражувачите во голем број проекти финансирани од ЕУ ќе се споделуваат слободно како резултат на пилотот „Отворени податоци од истражувањата“ во рамки на програмата Horizon 2020.

Од истражувачите во проекти што учествуваат во пилот-програмата се бара основните податоци и другите научни информации потребни за потврда на резултатите презентирани во научните публикации да ги направат достапни за употреба и од страна на други истражувачи, иновациски индустрии и граѓани. Тоа ќе резултира со подобра и поефикасна наука и подобрена транспарентност за граѓаните и општеството. Ќе придонесе и за економски раст преку отворени иновации. За периодот 2014-2015, тематските области кои учествуваат во пилотот „Отворени податоци од истражувањата“ ќе се финансираат со околу 3 милијарди евра.

Комисијата признава дека податоците од истражувањето се исто толку важни како и публикациите. Затоа, во 2012 г. соопшти дека ќе експериментира со отворениот пристап до податоците од истражувањата. Пилотот за отворени податоци од истражувањата во рамки на Horizon 2020 за научните информации го прави она што Стратегијата за отворени податоци го прави за информациите од јавниот сектор: има за цел да ги подобри и зголеми пристапот до и повторната употреба на податоците од истражувањата генерирани од проекти за доброто на општеството и економијата.

Пилотот ги опфаќа клучните области на Horizon 2020:

  • Идни и нови технологии
  • Истражувачки инфраструктури – дел е-Инфраструктури
  • Лидерство во индустриски технологии – информациски и комуникациски технологии
  • Општествен предизвик: Безбедна, чиста и ефикасна енергија – дел Паметни градови и заедници
  • Општествен предизвик : Климатска акција, животна средина, ефикасност на ресурси и суровини – со исклучок на теми од областа на суровини
  • Општествен предизвик: Европа во променливиот свет – инклузивни, иновациски и мисловни општества

Науката со и за општеството

Нили Крос, потпретседателот на Европската комисија за дигиталната агенда изјави: „Знаеме дека споделувањето и повторната употреба на податоците од истражувањата има огромен потенцијал за науката, општеството и економијата. Овој пилот е можност да се види како различни дисциплини споделуваат податоци во пракса и да се разберат преостанатите пречки“.

Комесарот Мер Геогеган-Квин изјави: „Овој пилот е дел од нашата посветеност на отвореност во Horizon 2020. Со нетрпение очекуваме да ги видиме првите резултати што ќе се користат за поставување на курсот во иднина“.

Проектите може и да не учествуваат во пилотот за да се овозможи заштита на интелектуалната сопственост или личните податоци доколку постои загриженост за безбедноста; или доколку главната цел на нивните истражувања се компромитира со отворениот пристап до податоците.

Пилотот на Комисијата ќе и овозможи подобро разбирање за тоа каква инфраструктура за поддршка е потребна и за влијанието на ограничувачките фактори како што се безбедноста, приватноста или заштитата на податоци или другите причини за проектите да не се вклучат во споделувањето. Ќе овозможи и увид во тоа како најдобро да се поттикнат истражувачите да управуваат со и да ги споделуваат податоците од нивните истражувања.

Пилот ќе се надгледува преку Horizon 2020 со цел да се развива идната политика на Комисијата и програмите на ЕУ за финансирање истражувања.

Извор: Europe’s Information Society „Commission launches pilot to open up publicly funded research data“ 16 декември, 2013.

 

Поврзани натписи