Мени

Европски супервизор за заштита на податоци: Треба да се завршат уште многу работи

Во соопштението за печат објавено на 15 ноември 2013 година, Европскиот супервизор за заштита на податоци (ЕДПС) го критикуваше предлогот на Комисијата за Регулатива со која се утврдуваат мерки за единствениот европски пазар за електронски комуникации.

 

Најавената цел на оваа Регулатива е да се олеснат условите за давателите на телекомуникациски услуги, да се стандардизираат производите што се продаваат на големо со цел усогласување на правата на крајните корисници. Генерално, Хастинкс ја одобрува идејата да се опфати неутралноста на интернетот, но посочува дека со Регулативата се отвора можност за злоупотреби од страна на интернет-провајдерите на кои ќе им биде законски дозволено да го следат и да управуваат со интернет-сообраќајот на нивните корисници. Хастинкс изрази сериозна загриженост, особено во поглед на длабоките анализи на пакети (DPI):

„Секое следење и ограничување на активноста на интернет на корисниците треба да се направи само за да се постигне конкретна и легитимна цел. Следењето и ограничувањето на интернет-комуникациите на корисниците во овој предлог се коси со европското законодавство, како и со Повелбата на ЕУ за основните права. Таквото мешање во правото на заштита на личните податоци, доверливоста на комуникациите и приватноста нема да придонесе значително за враќање на довербата на клиентите во пазарот за електронски комуникации во Европа“.

Тековниот предлог ќе им овозможи широки толкувања на давателите на услуги за контрола на активностите на интернет на нивните клиенти преку следење на нивните податочни текови, од посети на веб-локации, до примање е-пораки, па дури и би се одобрило намалување на брзината или ограничување на пристапот до наводно нелегални услуги и содржини.

Не само што ова се коси со неутралноста на интернетот, туку претставува и кршење на Декларацијата за човекови права и Повелбата на ЕУ за основни права:

„Правото на приватност или на приватен живот е загарантирано со Универзалната декларација за човекови права (член 12), Европската конвенција за човекови права (член 8) и Европската повелба за основни права (член 7). Повелбата опфаќа и експлицитно право на заштита на личните податоци (член 8)“.

Во идните месеци, претстојните разговори и преговори во Парламентот ќе отворат можност за додавање на потребните корекции на овој предлог и можност истиот да се усогласи со меѓународните правни стандарди и основните индивидуални права.

Извор: ЕДРИ-грам „EDPS: Still a lot of work to be done“ бр 11.22, 20 ноември, 2013.

 

Поврзани натписи