Мени

Фејсбук достигна 300 милиони корисници – и почна да заработува

По пет години и повеќе од 700 милиони долари инвестиции, Фејсбук сега генерира позитивен готовински тек, благодарение на неговите 300 милиони корисници ширум светот.

Скептиците одамна го осудија на пропаст социјалното вмрежување како нешто минливо – но се чини дека апетитот за поврзување преку интернет расте побрзо од кога било, откако Фејсбук денес објави дека има повеќе од 300 милиони корисници на светско ниво.

Во соопштението на 25 годишниот ко-основач на компанијата – Марк Цукерберг, се истакнува репутацијата на Фејсбук како еден од најголемите „имоти“ на интернет – со број на корисници колку вкупниот број жители на САД.

Бројот на корисници на Фејсбук е речиси колку бројот на целата интернет популација во Кина, и идентичен со бројот на интернет корисници во десетте најголеми земји во Европа.

Бројот исто така го означува најновото поглавје од одличниот период на раст на компанијата. Сајтот имаше 250 милиони корисници во јули, што значи дека за само два месеци се регистрирале уште 50 милиони корисници.

Цукерберг изјави дека има планови растот да продолжи и во иднина, и дека опфаќањето на оваа голема група на луѓе е само почеток.

„Тоа е голема бројка, но начинот на кој размислуваме во врска со тоа е дека ние, всушност, тукушто започнавме со нашата цел да ги поврземе сите“, напиша Цукерберг на блогот на Фејсбук.

Иако Фејсбук сè уште расте во земјите како што се САД и Велика Британија – особено додека постарите корисници се „заразуваат“ со социјалното вмрежување – исто така се шири брзо и во други делови од светот.

Оваа вест доаѓа само неколку денови откако Фејсбук официјално ја претстави верзијата Фејсбук Лајт – оптимизирана верзија на веб-сајтот наменета за корисници со побавни интернет конекции, со која се надева дека ќе го стимулира развојот во земјите како што се Индија и Бразил.

Сепак, за оние кои се интересираат за плановите на компанијата за иднината, поважна би била веста дека Фејсбук сега генерира позитивен готовински тек – што значи дека конечно заработува, по пет и пол години и пресметани 716 милиони долари инвестиции.

„Во текот на оваа година рековме дека очекуваме позитивен готовински тек во 2010, но со задоволство ќе кажам дека ја постигнавме оваа цел уште минатото тромесечје“, изјави Цукерберг. „Тоа е важно за нас, бидејќи со тоа Фејсбук станува моќен независен сервис на долгорочен план“.

Вестите поттикнаа шпекулации дека компанијата би се подготвила за влез на берзата уште идната година – гласина којашто раководните лица се обидуваа да ја стишат во минатото.

Извор:  Guardian.co.uk “Facebook now reaches 300 million users – and makes money” 15 септември, 2009.

Поврзани натписи