Мени

Германија: Нова судска одлука за филтрирање на интернет-сообраќајот

Високиот регионален суд во Хамбург на 14 март 2012 г. донесе одлука дека веб-локацијата за хостирање датотеки RapidShare мора проактивно да ги филтрира датотеките што ги поставуваат нејзините корисници.


Во судското соопштение за печат се вели дека од RapidShare се барало да се блокира поставувањето на 4.000 датотеки од страна на корисниците, со кои наводно се прекршуваат авторски права.

Со сегашната пресуда се потврдуваат трите одделни претходни пресуди на судот од пониска инстанца во постапките покренати од германските книжари, издавачи на книги и една група за музички права. „Со пресудата се потврдува дека Rapidshare мора да преземе ефикасни мерки против употребата на нелегални содржини на својот сервис“, изјави здружението на германски книжари.

Даниел Рејмер, портпаролот на RapidShare објасни дека сопствениците на авторски права ги изоставиле битните детали од судската одлука кои всушност биле прилично позитивни за веб-локацијата. „Можно е да постои причина за избрзаниот пристап, особено за пристапот на здружението на книжари. При расправата, високиот регионален суд посочи дека ќе отстапи од својот претходен став според кој бизнис моделот на RapidShare не беше толериран од правниот систем“.

Пресудата на германскиот суд се чини дека се коси со пресудата на Европскиот суд на правдата (ЕСП) кој во февруари 2012 во случајот Sabam против Netlog пресуди дека локациите за хостирање не може проактивно да ги филтрираат содржините заштитени со авторски права затоа што на тој начин би се нарушувала приватноста на корисниците и би се ограничувала слободата на информирање.

ЕСП одлучи дека на државниот суд му се ограничува издавањето судски налог до давател на хостинг-услуги со кој се бара истиот да инсталира систем за филтрирање „со кој може да се идентификуваат електронски датотеки што содржат музички, кинематографски или аудио-визуелни дела за кои подносителот на барањето тврди дека ги поседува правата на интелектуална сопственост, со намера да се спречи тие дела да се стават на располагање на јавноста со прекршување на авторските права“ а со цел да се филтрираат информации „кои се зачувани на неговите опслужувачи од страна на неговите корисници; што важи неселективно за сите корисници, како превентивна мерка; и исклучиво на сопствен трошок и за неограничен временски период“.

RapidShare сè уште не донесе одлука дали ќе поднесе жалба на пресудата и веројатно чека писмената одлука да се објави јавно.

Извор: ЕДРИ-грам „New German court decision on traffic filtering“ бр. 10.6, 28 март, 2012.

New German court decision on traffic filtering

Поврзани натписи