Мени

Германски весници тужени за посочување наводно нелегална веб-локација

На крајот на август 2013 година, група германски издавачи ги тужеше весниците Der Tagesspiegel и Die Zeit, обвинувајќи ги за помагање во кршењето на авторски права, бидејќи објавија интервју со сопственикот на наводно неовластената веб-локација за е-книги, обелоденувајќи го и името на веб-локацијата – TorBoox , која тврди дека е најголемата веб-локација за пиратски е-книги во Германија, со 1,5 милиони преземени книги месечно.

Со оглед на тоа што хостирањето на материјал со кој се повредуваат авторски права може да се смета за незаконско, како и (во некои случаи) поставувањето врски до нелегални содржини и индексирањето на врски што содржат незаконски материјал, се чини дека малку е претерано да се смета за незаконско и објавувањето на интервју во кое се именува нелегалната веб-локација.

„Со директното и повеќекратно именување на интернет-адресата,  читателот веднаш е свесен за нелегалните содржини на веб-локацијата. Во насока на објективното новинарско известување, немало потреба за директно именување“, пишуваат издавачите во нивната жалба.

Како што изјави администраторот на веб-локацијата за TorrentFreak, смешно е што дури и интернет-списанието на Здружението на германски издавачи на книги ја објавила целосната URL-адреса на спорната веб-локација. Иако Здружението на издавачи одлучи да преземе мерки против весниците , се чини дека не може многу да стори против конкретната веб-локација и нејзините незаконски содржини, со оглед на тоа што има скриен сервер (Tor). Освен тоа, сопствениците на веб-локацијата планираат да ја направат меѓународна.

Жалбата беше повлечена веднаш, но со неа излезе на виделина големата збрка во врска со одговорноста за кршење на авторските права и недостатокот на приспособливост на издавачите кон новиот пазар. Само пред неколку месеци, германските истражувачи создадоа нова форма на управување со дигитални права со цел обесхрабрување на пиратеријата, менувајќи го текстот на секоја книга, со што се создава форма на заштитно дигитално обележување, што всушност претставува упад во работата на авторот.

Иако пазарот на е-книги сè уште е ограничен, можеби е време издавачите да најдат начини да го развијат и освојат овој пазар со помош на современи бизнис модели, наместо да трошат пари во судовите, тужејќи ги весниците.

Извор: ЕДРИ-грам „German newspapers sued for pointing out an alleged illegal site“ бр. 11.17, 11 септември.

 

Поврзани натписи