Мени

Глобална алијанса за борба против злоупотреба на децата

Европскиот комесар за внатрешни работи Сесилија Малмстром заедно со Ерик Холдер, државниот обвинител на САД формираат Глобална алијанса против сексуална злоупотреба на децата на интернет.

Иницијативата има за цел да ги обедини носителите на одлуки од целиот свет за подобро идентификување на жртвите и гонење на прекршителите. Меѓу учесниците на промоцијата во Брисел на 5 декември беа министри и високи претставници од 27 земји-членки на ЕУ, на кои им се придружија 21 земји што не се членки на ЕУ.

Земјите од Алијансата се залагаат за повеќе цели на политиките.

„Зад секоја слика за злоупотреба на дете е самото злоупотребено дете, како експлоатирана и беспомошна жртва. Кога овие слики ќе се постават на интернет, тие можат да живеат вечно. Наша одговорност е да ги заштитиме децата без разлика каде живеат и да ги изведеме криминалците пред лицето на правдата каде и да функционираат. Единствениот начин да се постигне ова е да се здружиме со цел поинтензивна и подобро координирана акција во светски рамки“, изјави комесарот Сесилија Малмстром.

Малмстром зборуваше на отворањето на експертската конференција на 5 декември, а потоа одржа прес-конференција со државниот обвинител Холдер. Во текот на попладневните часови, по експертската конференција следуваше состанокот на министри од земјите-учеснички.

Педофилските мрежи го искористуваат недостигот од размена на информации и дупките во законите кои постојат во и помеѓу земјите. Меѓународната соработка е клучна за ефикасно истражување на случаите на сексуална злоупотреба на деца на интернет и за подобро идентификување и гонење на прекршителите. Во целите на Алијансата спаѓаат намалувањето на достапноста на материјали со злоупотреба на деца на интернет и зголемувањето на свеста за методите на „наведување“ кои ги користат педофилите.

Една од целите е да се воспостават и специјални полициски органи за овие кривични дела во сите земји и да се олесни иницирањето на заеднички прекугранични полициски истраги. Потребно е да се интензивира соработката со службите за повици, на кои јавноста може да ги пријавува забележаните случаи на детска порнографија на интернет. Земји, исто така, да се залагаат да обезбедат дека меѓународната база на податоци на Интерпол за материјали со злоупотреба на деца ќе се зголемува за 10 отсто на годишно ниво.

„Со оваа меѓународна иницијатива ќе се зајакнат нашите заеднички ресурси за изведување на што повеќе прекршители пред лицето на правдата, да се идентификуваат повеќе деца-жртви на сексуална злоупотреба и да се обезбеди дека ќе ја добијат нашата помош и поддршка“, изјави американскиот државен обвинител Ерик Холдер. „Преку оваа глобална алијанса можеме да се надоврземе на успехот на претходните прекугранични полициски операции за уништување меѓународни педофилски мрежи да заштитиме повеќе деца во светот“.

Се проценува дека во моментот на интернет има повеќе од еден милион слики од деца изложени на сексуална злоупотреба и експлоатација. Според UNODC, секоја година се додаваат 50.000 нови слики од деца-жртви на сексуална злоупотреба.

Покрај САД и 27-те земји-членки на ЕУ, членки на Алијансата се и Албанија, Австралија, Камбоџа, Хрватска, Грузија, Гана, Јапонија, Молдавија, Црна Гора, Нов Зеланд, Нигерија, Норвешка, Филипини, Србија, Република Кореја, Швајцарија, Тајланд, Турција, Украина и Виетнам.

Извор: European Commission “Global alliance to fight online child abuse” 5 декември, 2012.

Поврзани натписи