Мени

Холандија – прва земја од ЕУ што воведува неутралност на интернет

Предлогот за заштита на отворениот интернет во Холандија беше изгласан со широко мнозинство во холандскиот парламент на 22 јуни 2011 година.

Со предлогот им се забранува на интернет-провајдерите да ги ограничуваат или да им наплаќаат на крајните корисници за одредени услуги. Покрај тоа, одредбите беа воведени со цел да се заштитат корисниците од исклучување и прислушување од страна на провајдерите. Холандија е првата земја во Европа што воведе одредби за неутралност во парламентот. Членот на ЕДРИ – холандското движење за дигитални права Bits of Freedom ги повикува другите земји да го следат холандскиот пример.

Неутралноста на интернетот значи дека интернет провајдерите не треба да попречуваат или блокираат различни видови апликации и содржини на интернет. Холандскиот телеком KPN неодамна го привлече вниманието на светските медиуми поради плановите да им наплаќа на интернет корисниците за употреба на иновативни и конкурентни услуги како што е интернет телефонијата. Законодавниот предлог има за цел да го спречи ова, дозволувајќи мерки во случај на преоптовареност и загрозена безбедност на мрежата, доколку тие мерки се во интерес на крајниот корисник.

Друг предлог во врска со интернет конекцијата обезбедува дека интернет провајдерите ќе можат да ги исклучуваат нивните корисници само во одредени околности. Третиот предлог ги ограничува интернет провајдерите да не можат да користат инвазивни технологии за прислушкување, како што е испитувањето на пакетите сообраќај.

Холандскиот парламент ги воведе предлозите во текот на имплементацијата на Европскиот телекомуникациски пакет. Предлозите ќе мора да бидат усвоени од страна на холандскиот Сенат (Eerste Kamer) пред да стапат во сила. Англиски преводи на измените и дополнувањата се достапни на веб-сајтот на Bits of Freedom.

Извор: ЕДРИ-грам „The Netherlands – first EU country to launch net neutrality“ бр. 9.13, 29 јуни, 2011.

Поврзани натписи