Мени

Холандија – првата европска земја со неутралност на интернетот

На 8 мај 2012 година, Холандија усвои клучен закон за заштита на отворениот и безбеден интернет. Таа е првата држава во Европа која ја воведе неутралноста на интернетот во своето национално законодавство.

Покрај тоа, усвои одредби за заштита на корисниците од исклучување и прислушување од страна на интернет-провајдерите. Движењето за дигитални права Bits of Freedom ги повикува другите земји да го следат примерот на Холандија.

Законот за неутралност на интернетот им забранува на интернет-провајдерите да се мешаат во сообраќајот на нивните корисници. Законот дозволува управување со сообраќајот во случај на застој и со цел заштита на безбедноста на мрежата, под услов овие мерки да бидат во интерес на интернет-корисниците. Сè уште има можност да се коригира една техничка грешка во законот со гласање на 15 мај.

Дополнително, законот содржи и одредба против прислушување, со која на интернет-провајдерите им се ограничува користењето инвазивни технологии на прислушување, како што е темелното испитување на пакетите сообраќај (DPI). Тие може да го сторат тоа само во одредени околности, или со изречна согласност од корисникот, којашто корисникот може да ја повлече во секое време. Употребата на DPI привлече многу внимание кога KPN призна дека го анализирал сообраќајот на своите корисници за да собере информации за употребата на одредени апликации. Законот дозволува прислушување со судски налог.

Во законот има и одредба со која се осигурува дека интернет-провајдерите ќе можат да ги исклучат своите корисници во само неколку околности. Пристапот до интернет е многу важен за функционирање во информатичкото општество, а во моментов, провајдерите можат, врз основа на нивните услови за користење да ги исклучуваат своите корисници поради голем број причини. Со оваа одредба се дозволува исклучување само во случај на измама или кога корисникот не ги плаќа сметките.

Холандското движење за дигитални права – Bits of Freedom, кое ја водеше кампањата за поддршка на овие одредби го поздравува новиот закон. Тие сметаат дека ова е историски момент за слободата на интернетот во Холандија и ги повикуваат и другите земји да го следат холандскиот пример.

Одредбите се дел од спроведувањето на европските телекомуникациски правила. Bits of freedom обезбеди превод на одредбите. Во преводот не е вклучена техничката грешка во законот која би можела да се коригира на 15 мај.

Извор: ЕДРИ-грам „Netherlands – first country in Europe with net neutrality“ бр. 10.9, 9 мај, 2012.

Поврзани натписи