Мени

Холандски центар за компјутерска безбедност: Linux е погодно решение за компаниите

Според Центарот за компјутерска безбедност на холандската влада, Linux е погоден за деловните корисници, како и за лична употреба.

Центарот ги истакнува дистрибуциите Ubuntu или Red Hat базирани на слободен софтвер како изводлива алтернатива за оние кои во моментов користат неслободен оперативен систем што е стар повеќе од една деценија.

Центарот, како дел од Министерството за безбедност и правда објави „информативен документ“ повикувајќи ги корисниците на овој стар оперативен систем да се префрлат на помодерни алтернативи, вклучувајќи ги и „оперативните системи базирани на Linux, како што се Red Hat и Ubuntu“. Производителот на овој стар неслободен софтвер најави дека ќе стави крај на сета поддршка за овој оперативен систем постар од една деценија во април следната година. Центарот предупредува дека како резултат на тоа системот ќе стане ранлив на грешки и ќе има безбедносни дупки што ќе им овозможуваат на напаѓачите пристап до компјутерскиот систем. „Центарот за компјутерска безбедност препорачува замена или надградба со оперативен систем за кој има поддршка со ажурирања“.

Главните целни групи на Центарот се министерствата и националните владини совети во земјата.

Минхен

Центарот за компјутерска безбедност е втората Европска јавна администрација што бара од корисниците на една деценија стариот неслободен оперативен систем да се префрлат на Linux. Во септември, администрацијата на германскиот град Минхен обезбеди 2000 ЦД-а за инсталирање на верзијата 12.04 од дистрибуцијата Ubuntu на Linux. Заедницата за Ubuntu ќе обезбедува поддршка за овој систем до април 2017 година, објасни градскиот совет во тоа време. Миграцијата кон Linux значи дека „корисниците можат да продолжат да ги користат нивните персонални компјутери. Софтверските пропусти ќе бидат поправени, спречувајќи вируси и друг штетен софтвер“.

„Дистрибуирајќи ЦД-а со Linux, градот првенствено има за цел да спречи компјутерите да станат неупотребливи, помагајќи да се намали и електронскиот отпад. Истовремено, градот се претставува и како иновативен експерт за слободен софтвер“.

Извор: OSOR.eu „Dutch cyber security centre: Linux suitable for businesses“ 9 ноември, 2013.

 

Поврзани натписи