Мени
Comic-Book-Cover

Лични податоци: стрип за младите во Европа

 

Информатичко-комуникациските технологии (телефон, интернет, е-пораки, блогови и социјални мрежи) го олеснуваат секојдневниот живот и врските со нашите роднини, пријатели, па дури и со непознати лица.

Овие технологии особено интензивно ги користат младите. Меѓутоа, ако не внимаваме, тие можат да нè доведат во ситуација да откриеме прекумерно количество лични податоци, олеснувајќи го надзорот на нашите приватни животи. Заштитата на личните податоци е од суштинско значење за почитувањето на приватноста.

Европската унија има воспоставено законодавна и регулаторна рамка која има за цел да обезбеди заштита на личните податоци на граѓаните како едно од нивните основни права. Каква е всушност реалноста во пракса и како ние самите можеме да се заштитиме во секојдневието?

Со европскиот проект „Сензибилизација и информирање на младите европски граѓани околу заштитата на нивните лични податоци“ се анализира ситуацијата во девет земји-членки на ЕУ (Чешка, Финска, Франција, Германија, Грција, Холандија, Романија, Шпанија и Обединетото Кралство), како и европското законодавство. Овој 18-месечен проект започна во јануари 2009 година и е финансиран од страна на програмата „Фундаментални права и државјанство” на Европската комисија.

Проектот е координиран од Француската Лига за човекови права (LDH), во партнерство со Европската асоцијација за заштита на човекови права (AEDH), Европски дигитални права (EDRi), Чешката асоцијација Iuridicum Remedium (IuRe) и Шпанската асоцијација Comunicació per a la Cooperació (Pangea). Проектот има за цел да ја подигне свеста на граѓаните околу прашањето за заштитата на приватноста. За таа цел, се подготвуваат извештаи од земјите, се врши споредбена анализа на разните ситуации и евиденција на законодавството и практиките во ЕУ, на кои ќе се надоврзат препораки до државните органи.

Comic-Book-Cover

Во рамките на проектот беше издаден стрипот „Под надзор” како алатка за информирање и подигнување на свеста на младите луѓе.

Резиме: Во еден европски град, група на млади луѓе работи, студира, патува, објавува на форуми и блогови, комуницира на социјалните мрежи и се состанува на концерти … „Тешката“ ситуација во животот на еден млад фото-репортер и начинот на кој неговите пријатели се мобилизираат да му помогнат да се извлече од таа ситуација го илустрираат прекршувањето на заштитата на лични податоци, олеснето со употребата на новите технологии. Во стрипот се нагласени последиците, но и можните решенија. Во стрипот е вклучен глосар и линкови до корисни веб-сајтови.

Стрипот „Под надзор“ е достапен на каталонски, чешки, англиски и француски јазик. Онлајн верзиите се достапни на веб-сајтовите на партнерите во проектот. На секој од јазиците се достапни по 20.000 примероци кои се дистрибуираат бесплатно. Ги покануваме организациите кои се заинтересирани да придонесат за дистрибуираање да стапат во контакт со AEDH и EDRi. Заинтересираните за подготовка на верзии на други европски јазици мора да контактираат со проектниот координатор на LDH.

Во Македонија ќе бидат дистрибуирани 250 примероци од стрипот преку членот на ЕДРИ – Фондација Метаморфозис.

Контакти: EDRi (edrigram at edri dot org) AEDH (aedh at aedh dot eu) LDH (ldh at ldh-france dot org)

Преземања:

Извор: ЕДРИ-грам „Personal data: a comic book for European young adults“ бр. 8.7, 7 април 2010.

Поврзани натписи