Мени

Македонија: Јавноста вклучена во финализирањето на националната политика за слободен софтвер

Во текот на март 2011г. беа организирани четири јавни средби во градовите низ Република Македонија со цел да се промовира и да се дискутира за нацрт-верзијата на Националната политика за слободен софтвер, со вклучување на јавноста во процесот на финализација на текстот. Истовремено настаните ја одбележаа последната фаза од проектот за усвојување на оваа политика.

Настаните се одржаа во Тетово (14 март), Штип (17 март), Скопје и Битола (22 март), соодветно. Меѓу главните презентери на настаните беа претставници на непрофитната организација за промовирање на слободен софтвер во Република Македонија – Слободен софтвер Македонија, Фондацијата Метаморфозис и Министерството за информатичко општество и администрација.

Форматот на јавни настани беше избран за да се претстават причините за донесувањето на оваа политика. На презентациите беше нагласено дека политиката се стреми да ја истакне добрата пракса на користење на слободниот софтвер укажувајќи на погрешните примери заедно со начините за нивно избегнување. Спроведувањето на проектот „Компјутер за секое дете“ беше опишано како добар пример врз кој треба да се изгради идната политика; исто така беа опфатени слабите точки на проектот, за да се имплементираат подобри проекти во иднина. Покрај тоа, беа објаснети сите препораки содржани во документот за политики.

Поради тоа што настаните се одржаа во академски градови, посебен фокус беше ставен на поврзаноста меѓу слободниот софтвер, образованието и пазарот на трудот. Во исто време, со дискусиите беа опфатени отворените стандарди, неутралноста и непристрасноста како средства за зголемување на ефикасноста на јавната власт во однос на технолошките барања и комуникацијата со граѓаните.

Беше констатирано дека и покрај заложбите содржани во документот на политиката, потребно е да се продолжи со јавните дискусии околу овие прашања како начин за постојано подобрување на работата на државните власти и информирање на јавноста за актуелните теми.

Извор: OSOR.eu „MK: Public involved in finalisation of national Open Source policy“ 26 мај, 2011.

Поврзани натписи