Мени

Македонија: Одржана панел дискусија за медиумска писменост во ЕУ Инфо центар

На 6 март 2012 година во 12 часот во ЕУ Инфо центарот на Делегацијата на Европската Унија се одржа панел дискусија за медиумската писменост „Правилно читање: Од разбирање на медиумите до активно граѓанство“. Ова беше првиот од серијата настани поврзани со медиумите и медиумската писменост.

Говорници на дискусијата беа Барбара Замрска од делегацијата на ЕУ, Весна Никодиновска од „Македонскиот институт за медиуми“, Блага Панева од Бирото за развој на образованието и Тамара Ќупева од средното училиште „Орце Николов“.

На дискусијата беа презентирани резултатите од проектот „Унапредување на медиумската писменост во образованието во Република Македонија“ спроведен во периодот од март 2009 година од септември 2011 година. Целта на овој проект е помагање на децата, адолесцентите и младите луѓе во унапредување на нивните познавања за улогата и функциите на медиумите во демократските општества. За таа цел биле одржани 56 обуки со кои биле опфатени 1.100 наставници по мајчин јазик од основни и средни училишта од скоро цела Македонија. Изготвен е и прирачник за изучување на медиумската писменост во наставата по мајчин јазик, на македонски, албански, српски и турски јазик, наменет за наставниците кои треба да ги предаваат содржините од овие области. За популаризација на концептот изработен е и веб-сајт, на кој може да најдат многу поврзани информации и содржини поврзани со овој концепт.

Во текот на следната недела ќе се одржат уште три настани. На 7 март студенти по новинарство од неколку универзитети и медиумски организации ќе учествуваат на семинар „Новинарско известување за прашања поврзани со ЕУ“, додека на 8 март ќе се одржи панел дискусија „Жени во медиумите: предизвици и можности за постигнување на еднаква застапеност“.

Во понеделник, 12 март ќе се одржи последната панел дискусија „Водење на јавната дебата на повисоко ниво: Социјални медиуми како олеснителен фактор за партиципативна демократија“. Како говорници се повикани Дарко Булдиоски и Сеад Џигал од Центарот за нови медиуми“, Роберт Лидл, Вршител на должност Шеф на Делегација на ЕУ, Бардил Јашари од „Метаморфозис“ и Мевлудин Ибиш од Меѓународниот Балкански Универзитет.

Поврзани натписи