Мени
1-logo

Македонија: Прашањето за е-отпад покренато пред Собранието

1-logoПреку синергија помеѓу проектот BEWMAN и програмата за законодавни иницијативи преку соработка на граѓански организации и Собранието на Националниот демократски институт (NDI), македонските пратеници беа запознаени со обврските и искуствата кои произлегуваат од директивата на ЕУ за електронски и електричен отпад, врз основа на која се подготвува Закон за е-отпад.

Во рамки на активностите на проектот Балканска мрежа за застапување при управување со е-отпад (BEWMAN), воден од Фондацијата Метаморфозис, претставничката на британскиот партнер Компјутер ејд интернешнал, г-а Хејли Бебкок, изврши студиска посета на Македонија како дел од активностите за прибирање информации за состојбите со е-отпад во регионот.  

Важен елемент на посетата на претставничката на Компјутер ејд беа и средби со претставници на засегнатите страни, меѓу кои и претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање и Комисијата за транспорт, врски и екологија при Собранието на РМ, задолжени за подготовка на идниот Закон за е-отпад.

На 55 седница на Комисијата, на која учество земаа 15 пратеници, претставниците на Метаморфозис и Компјутер ејд пренесоа дел од искуствата од примената на Директивата WEEE во ЕУ, посочувајќи дека истражувањата за ситуацијата во Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија се во тек и дека резултатите на регионалниот проект се на располагање и на законодавната и на извршната власт, со цел на усвојување и спроведување на највисоките можни стандарди за заштита на животната средина и здравјето на населението.

Директорот на НДИ Македонија, Крис Хеншоу, во своето обраќање пред пратениците од Комисијата за транспорт, врски и екологија, истакна дека ова е шанса за Македонија правилно да го оформи претстојниот закон за електронски и електричен отпад, со што ќе се стекне со лидерска позиција за оваа проблематика во регионот. Законот за е-отпад е планиран да се донесе кон средината на 2011 година.

Претседавачот на седницата, г. Андреј Петров, истакна дека е важно да се зголеми знаењето за оваа нова област кај сите општествени чинители и кај граѓаните, со цел поуспешно справување со ризиците поврзани со фрлањето на електронски уреди.

Во рамки на посетата во ГЕМ клубот во Скопје беше остварен основачки состанок на нацеионалната мрежа  составена од 11 НВО од целата територија на Македонија, кои во рамки на проектот BEWMAN ќе имаат можности за јакнење на капацитетите и работа на подигање на јавната свест на локално и национално ниво.

Поврзани натписи