Мени
IMGP0574

Македонија: Претставен Нацрт-акцискиот план за Партнерството за отворена власт

IMGP0574Во рамки на Денот за отворена власт на 21.03.2012 г. во Скопје, министерот за информатичко општество и администрација м-р Иво Ивановски го промовираше нацртот на Акцискиот план за развој на отворена власт во РМ, како дел од глобалната иницијатива Партнерство за отворена власт, повикувајќи ги сите чинители од владиниот, деловниот, граѓанскиот и научно-образовниот сектор да се вклучат во неговото комплетирање.


Денот за отворена власт опфаќаше целодневна конференција со над 100 учесници, како и паралелна дискусија преку социјалната мрежа Твитер со хаштагот #opengovmk.

На отворањето на настанот заедно министерот Ивановски учествуваа и амбасадорот на Велика Британија во РМ Кристофер Ивон, директорката на канцеларијата на Светска банка во РМ Лилиа Бурунчиуч и Олег Петров, програмски координатор, Светска Банка кои ја нагласија важноста на концептот на отворена власт како интегрален дел од развојот на модерниот демократски систем и пазарната економија, искажувајќи поддршка за напорите на Македонија насока на нејзиниот развој.

Во текот на работниот дел странски и домашни експерти ја поттикнаа дебатата на темите за отворена власт и особено отворени податоци, односно јавни податоци до кои властите овозможуваат лесен пристап со користењето на новите технологии. Џеф Каплан од САД и Ендру Стот од Велика Британија ги пренесоа светските искуства, додека проф. Димитар Трајанов од ФИНКИ пренесе сознанија од академската заедница од Македонија.

Претставничките на МИОА Марија Николоска и Ирена Бојаџиевска го претставија нацрт-акцискиот план за иницијативата за отворено партнерство [mk, en], по што се разви дискусија со присутните претставници на различните општествени сектори. Во текот на дискусијата беше истакнато дека отворената власт и отворените податоци не е работа само на информатичарите, дека примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е од огромна важност за целиот процес и граѓанското учество воопшто, како и дека е исклучително важен развојот на образованието на севкупното население (заради премостување на дигиталниот јаз) како и развојот на довербата меѓу сите заинтересирани страни.

Сите заинтересирани беа поканети своите предлози и забелешки да ги достават до МИОА преку електронска пошта (до marija.nikoloska и irena.bojadzievska, обете @mioa.gov.mk) и да ја продолжат дискусијата и преку следните форми:

  • Преку порталот е-Демократија.мк
  • LinkedIn: дискусионата група Macedonia Open Government Community, чии работни јазици се македонски, англиски и албански, а претставува дел од глобалната мрежа Open Development Technology Alliance чиј член од РМ е Фондацијата Метаморфозис.
  • Ping.mk: групата за отворена власт opengov, наменета за јавно документирање линкови до релевантни написи и документи, со можност за дискусии.

Ден потоа, една од присутните НВО, Слободен софтвер Македонија, го објави својот прилог во дискусијата и јавно на Интернет.

Презентации од настанот:

Поврзани натписи