Мени

Македонија: Пропадна обидот на власта да прислушува без судски налог

Пропадна обидот на власта да прислушува кого сака и колку сака. Прислушување ќе има, но исклучиво со налог од истражен судија.

На 15 декември А1 ТВ извести дека Уставниот суд ги поништи спорните одредби од законот за електронски комуникации кој овозможуваше службите да прислушуваат колку сакаат, а при тоа никој над нив да нема контрола.

„Природата на повредите е таква што налага, судот ако веќе интервенира, да интервенира со поништувачка одлука“, изјави Игор Спиревски, уставен судија. А1 пренесе дека со обидот да се прислушува секој граѓанин власта прекрши низа уставни одредби од повреда на човековите права и слободи, до загарантираната тајност на сите облици на комуникација констатира Уставниот суд.

Одлуката на Уставниот суд произлезе од иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на уставноста на спорните членови на Законот за електронски комуникации поднесена на 19 јули 2010 од Фондацијата Институт отворено општество Македонија,  Фондацијата Метаморфозис и Здружението на граѓани „Транспарентност Македонија“.

Оваа иницијатива се надоврза на кампањата на 15 граѓански организации кои организираа низа активности со цел на пратениците да им укажат на неуставните и недемократски елементи кои се воведуваа со измените и дополнувањата на овој закон.

За жал, парламентарното мнозинство не ги зема предвид укажувањата на НВО, експертите и стотиците граѓани кои го поддржаа повикот за преиспитување на предложените измени и ги усвоија противуставните членови на Седницата од16 јуни. Овој потег привлече и меѓународно внимание и освен противењето на опозицијата, доведе до негативни реакции и во светската блогосфера.

Опозицијата негодуваше кога се носеше овој закон, но кога Уставниот суд ги замрзна одредбите и ги направи неприменливи потегот го поздрави и експертската јавност токму поради заштитата на човековите права, но и поради оневозможување на власта да прислушува без контрола.

Според А1, со овој потег Уставниот суд оневозможи власта да прислушува без контрола. Сега смее да се прислушува според Законот за следење на комуникациите и по Кривичниот законик каде исклучиво ќе мора најпрвин налог да даде истражен судија.

Поврзани натписи