Мени

АПЦ: Македонската влада презема чекори за ограничување на слободата на говорот на интернет и зголемување на државната контрола врз медиумите

Македонија е една од многуте земји во кои граѓаните се борат за демократија и против мерките за контрола на медиумите и ограничување на слободата на изразување и пристап до информации на (и надвор од) интернет.

Најнова мерка е предложениот Закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги со кој ќе се бара сите медиуми – и печатени и на интернет, да се филтрираат преку централизирана владина агенција со што всушност ќе и се овозможи на владата законски да филтрира и да цензурира содржини.

На 8-ми април 2013 година, македонскиот министер за информатичко општество и администрација ја претстави нацрт-верзијата на законот и најави 60-дневен период за јавни консултации, кој формално би завршил на 8-ми јуни. За време на развивањето на оваа прва нацрт-верзија немаше консултации со граѓанското општество.

Македонските медиуми веќе се сериозно контролирани од владата. „Контролата најчесто се врши преку сопствеништвото на медиумите – сопствениците на повеќето медиуми се луѓе поврзани со владата”, вели Бардил Јашари од фондацијата Метаморфозис, членка на АПЦ.

Во член 1 од предложениот нов Закон за медиуми е наведено „со овој закон ќе се регулираат правата, обврските и одговорностите на медиумските издавачи, давателите на аудиовизуелни услуги и давателите на програмски пакети“. Со други зборови, со законот ќе се утврди дека улогите и одговорностите им припаѓаат на новинарите, уредниците и блогерите и на други членови на медиумите. Со законот ќе се бара и „луѓето кои сакаат да ја информираат јавноста“ преку печатени и електронски публикации да се регистрираат кај назначената владина агенција којашто може произволно да го толкува законот. На пример, поради нејасната дефиниција за медиумски издавачи, постои ризик поединците и невладините организации да не можат да регистрираат портали за вести. Ако сепак го направат тоа, би можеле да бидат казнети.

Со предложениот нов Закон за медиуми ќе се ограничи слободата на информирање и слободата на говорот на интернет. Јашари предупредува дека „интернетот е единствениот останат слободен простор за критички јавен дискурс и јавно изразување. Владата ја загрозува и последната арена за слободата на говорот“.

Коалицијата од невладини организации наречена „Фронт за слободата на изразување“ презема акција во вид на протести и конференции за заштита на слободата на говорот во пресрет на овој нов закон.

Фондацијата Метаморфозис ќе се состане со Френк Ла Ру, специјалниот известувач на ОН за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување при неговата посета на Македонија во јуни. Ла Ру претстави извештај пред Советот за човекови права на 3 јуни, поврзувајќи ги прашањата за слободата на изразување и државниот надзор. Според Прајваси интернешнл, „во овој извештај ОН за првпат ја истакнуваат важноста на правото на приватност за демократските принципи и слободниот проток на говор и идеи“.

АПЦ ги поддржува граѓанските организации и Метаморфозис во нивните заложби за човековите права и правата на интернет на граѓаните на Македонија. Ги повикуваме сите останати кои веруваат во вредноста на слободните медиуми и слободата на говорот да ја поддржат оваа борба со потпишување на оваа изјава против Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги.

Дополнителни информации:

Правна анализа на нацрт-законот
Анализа на Законот од страна на британскиот правен експерт за медиуми Питер Нурлендер, објавена од Здружението на новинари на Македонија
Соопштение за медиуми на OWPSEE
Анализа на американскиот центар за помош и развој на медиуми

За Здружението за прогресивни комуникации (APC)

Здружението за прогресивни комуникации (APC) е меѓународна мрежа и непрофитна организација основана во 1990 година којашто се залага за пристап до слободен и отворен интернет за сите, со цел подобрување на животот и создавање поправеден свет. http://www.apc.org.

Извор: APC.org „Macedonian government moves to limit online free speech and increase State control of the media“ 4 јуни, 2013.

Поврзани натписи