Мени
risingvoices

Најава: Конкурс за мали грантови на Rising Voices за 2013г.

Дали имате идеја за проект кој би и помогнал на вашата локална заедница во употребата на граѓански медиуми, за тие полесно да може да ги споделат своите приказни? Имате потреба од финансирање и поддршка за вашата идеја да стане реалност?

Од 2007 година, Rising Voices се обидува да поддржи поединци, групи од обични луѓе, мрежи и организации посветени на помагањето на учеството на своите локални заедници во дигиталниот онлајн простор. Преку снабдување со финансиски средства и менторство за мали проекти, Rising Voices досега има поддржано 35 проекти на граѓански медиуми од целиот свет. Овие проекти им помогнаа на локалните лидери во донесувањето на нови и недоволно присутни гласови во глобалниот дигитален разговор, со цел тие да ги споделат своите приказни или пак да ги откријат прашањата кои според нив се важни за заедницата.

Нова платформа

risingvoicesПочнувајќи со првиот круг од финансирањето со мали грантови во 2013 година, Rising Voices разви нова платформа каде кандидатите можат јавно да ги споделуваат своите идеи со пошироката заедница. Овој отворен процес може да овозможи препознавање на добри идеи и можности, како и помош при создавањето на врски помеѓу групи лоцирани на исто географско подрачје или групи кои работат на истото прашање. Сметаме дека овој нов начин на споделување идеи ќе влијае позитивно врз глобалната заедница која има заедничка цел во создавањето на поинклузивен и поразновиден дигитален онлајн простор.

Ќе поддржиме до пет мали грантови во вредност од 2.500 до 4.000 американски долари на успешните апликанти кои претставиле солидна и јасна идеја за како најдобро да им се пружи обука и поддршка на членовите од нивната локална заедница. Одредени проекти на грантисти ќе и се приклучат на заедницата Rising Voices и ќе бидат на широко споделувани низ мрежата на Global Voices.

УПАТСТВА

Rising Voices е во потрага по проекти кои ја делат нашата мисија во воведувањето на гласови од нови заедници, како и гласови на недоволно застапени јазични групи во глобалниот онлајн разговор, со употреба на партиципативни граѓански медиуми. Примарни активности на овие проекти треба да бидат спроведувањето работилници за обука на целата заедница, како и пружањето константна поддршка и менторство. Погледнете го нашиот список со cегашни и поранешни стипендирани проекти како примери за одобрени проекти.

Неколку примери за потенцијални проекти:

  • Организирање кампови за обука на граѓаните преку ангажирање искусни локални блогери во улога на обучувачи и ментори, во премалку застапените заедници што би резултирало со формирање на локална мрежа на поддршка.
  • Работа со локалната заедница со цел учење и поттикнување на новите генерации за користење на Твитер, со цел да се поврзат со други – како начин на зачувување и промовирање на нивиот мајчин јазик на интернет.
  • Здружување со локална библиотека која нуди компјутерска лабораторија за да може да се поканат членовите од локалната заедница на дискутирање за локалните проблеми и решенија, како и нивна обука во креирањето на заеднички блог за тие разговори да станат достапни за пошироката заедница.
  • Организирање повеќе групни прошетки на кои употребувајќи дигитална фотографија членовите ќе можат да го документираат животот во својата заедница, за подоцна со тие фотографии да организираат онлајн изложба на Фликр.
  • Обука на локалните граѓани за снимање и уредување аудио-записи со програмата Аудасити кои можат да се објавуваат на интернет или да се споделуваат на локалните радио-станици со цел да допрат до поширока публика и да имаат поголемо влијание.

Проектните идеи не се ограничени на наведените примери, ве охрабруваме да бидете креативни, но и реални во своите предлози. За дополнителни информации, погледнете ги често поставуваните прашања.

За да се пријавите, посетете ја страницата за „Поднесување предлог“ каде можете да најдете кратки прашања кои ќе ви овозможат да го опишете вашиот проектен план. Ќе забележите дека има одреден број на знаци (а не зборови) за секој одговор.

ПРОЦЕС НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Натпреварот ќе го следи следниот временски процес:

Прв циклус – Кандидатите ги доставуваат своите првични предлог-проекти користејќи ја интернет-платформата. Откако предлогот ќе се објави, ги покануваме кандидатите да ги споделат своите предлози со нивната мрежа, за да добијат коментари и сугестии од други граѓани. Постои опција со која кандидатите можат да ги задржат своите предлог-проекти како приватни, доколку се загрижени за безбедноста.

Сите предлог-проекти ќе ги разгледува комисија составена од членови на заедницата Global Voices, меѓу кои и добитници на мали грантови од минатото.

Крајниот рок за пријавување е петок, 1-ви март, 2013 г. во 23:59ч (GMT).

Втор циклус – Комисијата ќе одреди краток список со финалисти кои ќе бидат поканети да достават подетален и подолг предлог вклучувајќи и буџет, временска рамка и дополнителни детални информации. Финалистите ќе имаат можност и да достават дополнителни мултимедијални податоци, кои можат да бидат во форма на видеозаписи или фотографии направени од апликантите за да и помогнат на комисијата во донесувањето конечна одлука.

Победниците ќе бидат прогласени на 31-ви март (овој датум може да подлежи на промени во зависност од бројот на примени предлог-проекти кои треба да се разгледаат).

Слободно поставувајте прашања објавувајќи коментари или испраќајќи е-пораки преку формуларот за контакт.

Среќно!

Извор: Rising Voices „Најавување на новиот натпревар за мали грантови во 2013 на Rising Voices“ 7 февруари, 2013.

Поврзани натписи