Мени

Наскоро: Европска дигитална библиотека

Европскиот културен диверзитет од книги, музика, слики, фотографии и филмови достапни за сите граѓани со еден клик преку еден портал е всушност сонот за Европската дигитална библиотека што би можел да се оствари оваа есен.

Сепак, потребни се натамошни заложби на земјите-членки на ЕУ, се вели во денешното Коминике на Комисијата за обезбедувањето на дигитални верзии на делата од културните институции низ цела Европа. Дигитализацијата на културните дела на Европејците може да им овозможи пристап до материјалите од странските музеи, библиотеки и архиви без да треба да патуваат или да свртат стотици страници за да најдат некоја информација.

Европските библиотеки содржат повеќе од 2.5 милијарди книги, но само околу 1 отсто од архивскиот материјал е достапен во дигитална форма. Затоа, Комисијата ги повика земјите-членки да направат поголеми напори за дигитализираните дела да бидат достапни на интернет, за Европејците да можат по дигитален пат да ги прелистуваат, за образовни цели, работа или во своето слободно време. Самата Комисија ќе обезбеди околу 120 милиони евра во 2009-2010 г. за подобрување на онлајн пристапот до Европското културно наследство.

„Европската дигитална библиотека ќе биде брз и лесен начин за пристап на луѓето до европските книги и уметност – во нивната земја или во странство. Таа ќе овозможи, на пример, еден чешки студент да ја прелистува британската библиотека без да оди во Лондон, или ирски вљубеник уметноста да и се приближи на Мона Лиза без да чека ред во Лувр,“ изјави Вивиен Рединг, Комесар на ЕУ за информатичко општество и медиуми.
„Иако земјите-членки направија значаен напредок во овозможувањето пристап до културните содржини на интернет, за забрзување на дигитализацијата потребни се повеќе јавни и приватни инвестиции. Мојата цел е да имаме Европска дигитална библиотека, со назив Еуропеана, богата со содржини и отворена за јавноста пред крајот на годинава.“

Комисијата денес ја потврди својата посветеност да им помогне на земјите-членки да ја постават нивната вредна културна содржина на интернет. Во 2009-2010 г., 69 милиони евра од програмата за истражување на ЕУ ќе бидат наменети за активности за дигитализација и развој на дигитални библиотеки. Во истиот период, од Европската програма за конкурентност и иновации ќе се одвојат околу 50 милиони евра за подобрување на пристапот до Европското културно наследство. Сепак, вкупниот трошок за дигитализацијата на пет милиони книги од Европските библиотеки веќе е пресметан на приближно 225 милиони евра, не вклучувајќи ги ракописите и сликите. За реализација на визијата за Европска дигитална библиотека (Еуропеана) потребни се значителни инвестиции од државните институции, но во моментот повеќето земји обезбедуваат малку средства за дигитализација. Комисијата денес ги повика земјите-членки да ги зголемат капацитетите и да им ги понудат нивните колекции на Европските граѓани, да го здружат приватниот сектор и да се осврнат на следните приоритети:

  • Треба да се обезбедат повеќе средства за дигитализацијата, како и планови за тоа колку материјал ќе се дигитализира.
  • На повеќето држави сè уште им недостигаат методи, технологии и искуство за зачувувањето на дигиталниот материјал, што е од суштинско значење бидејќи содржините треба да останат пристапни за идните генерации.
  • Треба да се воведат заеднички стандарди за да се направат различните извори на информации и бази на податоци компатибилни и употребливи за Европската дигитална библиотека (Еуропеана).
  • Треба да се решат сите прашања со авторските права, околу сите правни решенија на проблемот со дела-сирачиња, односно делата чиишто сопственици не можат да се пронајдат за да се сложат за дигитализација (IP/07/508).

Посетителите на дигиталните библиотеки може по дигитален пат да ја видат познатата Гутенбергова библија – првата испечатена книга – на веб-сајтот на Британската библиотека, да ги слушнат гласовите на Марија Калас или Жак Брел во Францускиот национален институт за звук и слика, или да го видат ремек-делото на Да Винчи – Мона Лиза во Лувр – без да купат билет.

Некои земји-членки преземаа пионерски чекори за забрзување на дигитализацијата на културните збирки. Словенија усвои Закон за јавно-приватни партнерства во 2007 г., обезбедувајќи нови можности за приватна промоција на проекти за дигитализација во јавните институции. Словачка рехабилитираше стар воен комплекс како објект за дигитализација од големи размери, со роботи за вртење на страници. Финска, Словачка и Литванија ги користеа Европските структурни фондови за да обезбедат дополнителни средства за дигитализација. 

Сепак, процената на Комисијата исто така покажува дека во многу случаи постои празнина меѓу предметите кои што биле дигитализирани и нивната пристапност на интернет. На пример, само еден од четири германски музеи што имаат дигитализиран материјал нуди и пристап до истиот на интернет и само 1 отсто од дигитализираниот материјал од полските архиви е поставен на интернет.

Извор: Europe's Information Society – "Opening soon: a digital library for Europe" 11 август, 2008.

Поврзани натписи