Мени

Норвешка: Сите региони и речиси сите општини користат софтвер со отворен код

Јавната администрација во Норвешка сè повеќе преминува кон употреба на софтвер со отворен код, вели Мартин Бекелунд, програмер во Friprog, Националниот центар надлежен за софтвер со отворен код.

Оваа година, сите деветнаесет регионални администрации користат софтвер со отворен код во некоја форма, во споредба со 76 отсто во 2005 година.

Софтверот со отворен код се користи за оперативните системи на серверите, системите за управување со содржини, а се користи и ОпенОфис. Неодамнешен пример е набавката на телефонски систем базиран на софтвер со отворен код Asterisk во округот Акершус. „Покрај тоа, сега 75 отсто од сите 430 општини го користат овој тип на софтвер, вклучувајќи го на пример ОпенОфис во средните училишта и софтверските пакети за сервери“.

Пред пет години, нешто помалку од 60 отсто од општинските администрации користеа софтвер со отворен код. Во Норвешка има околу илјада канцеларии на државната администрација, општински и окружни, од кои повеќе од 60 отсто користат софтвер со отворен код, во споредба со 34 отсто во 2005 година.

Бекелунд вели дека јавната администрација треба да соработува за повторна употреба на податоците, знаењето и софтверот. Доколку не се соработува на ова поле, ќе дојде до зголемување на трошоците за ИТ и зголемена бирократија. „Тоа ќе резултира и со намалување на квалитетот и загуба на знаење“.

„Од друга страна, принудувањето на јавната администрација да се префрли на софтвер со отворен код не е најдобриот начин и јавниот сектор самиот треба да ги согледа придобивките од споделувањето и соработката“. Ова објаснува зошто Friprog работи на иницијативи со кои софтверот со отворен код ќе се направи поатрактивен. Центарот има создадено веб-сајт Delingsbazaren каде што јавната администрација и давателите на ИТ услуги можат да соработуваат.

Еден сличен веб-сајт, Kunnskapsnazaren се фокусира на размената на документи, истражувања, студии на случаи и податоци,. Friprog исто така организира конференции, како што е конференцијата GoOpen што ќе се одржи во Осло во март следната година. „Слободниот софтвер со отворен код стана природен дел од пазарот“.

Бекелунд го презентираше напредокот на Friprog на 25 септември на Косовската Конференција за слобода на софтвер што се одржа во Приштина.

Извор: OSOR.eu “Norway: All regions and nearly all municipalities now use open source” 24 ноември, 2010.

Поврзани натписи