Мени

Новинарите го критикуваат македонскиот Закон за медиуми

Првата од дебатите за новиот Закон за медиуми откри дека македонските новинари и медиумски организации сè уште гледаат со голема недоверба на предложените измени.

Откако владата на Македонија пред две недели го објави нацрт-законот за медиумите, со кој се предвидува ново регулаторно тело за кое многумина стравуваат дека ќе се користи како алатка за цензура, во понеделникот се организираше дебата за новиот закон.

На настанот насловен како „Дискусија за потребата од Законот за медиуми“ организиран од граѓанската организација Центар за развој на медиуми, се собраа голем број новинари и медиумски организации.

Нивната главна жалба беше тоа што владата го подготви нацрт-законот без учество на новинарите, невладиниот сектор и другите клучни фактори.

Дел од неколкуте десетици учесници во дебатата тврдеа дека е бесмислено медиумската заедница да преговара со владата, бидејќи предлог-законот веќе бил подготвен.

„Нам не ни е потребен ваков вид закон. Не ни треба регулирање на медиумите. Ни треба слободата на медиумите. Мора да останеме обединети и да најдеме сила да му кажеме „не“ на законот за кој не бевме консултирани“, изјави раководителот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис.

Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми рече дека новиот закон само ќе создава нови проблеми.

„Овој предлог не ги решава вистинските проблеми, туку создава нови. Мислам дека слободата на говорот ќе се уназади“ рече Петковска.

„Прашањето е, каква треба да биде минималната регулатива што ни е потребна за медиумите да можат да функционираат правилно? Не сметаме дека печатените медиуми и медиумите на интернет треба да се регулираат“ изјави Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми.

Нацрт-законот обезбедува регулирање на интернетот како и на печатените медиуми, што не беше случај досега во Македонија. Законот ги дефинира како новинари само оние што се редовно вработени во медиумска организација.

Новинарите се загрижени и за можните ограничувања на слободата на медиумите вклучени во одредбите во врска со „зачувувањето на здравјето и моралот“, а кои не успеваат да дефинираат што е конкретно опфатено. Критичарите велат дека одредбата може лесно да се злоупотребува за вршење цензура.

Предлог доаѓа во време кога се изразува загриженост за иднината на слободата на медиумите во Македонија.

Индексот за слободата на медиумите во светот за 2013 година, објавен во јануари од организацијата Репортери без граници ја рангираше Македонија на 116-то место од вкупно 179 земји, што е претставува голем пад од дури 22 места во споредба со претходната година.

Пред четири години, земјата беше рангирана на 34-то место во истиот извештај за слобода на медиумите.

Извор: Balkaninsight „Новинарите го критикуваат македонскиот Закон за медиуми“ 23 април, 2013.

Поврзани натписи