Мени

Ново складиште за научниците и истражувачите од целиот свет

Во октомври оваа година, за време на меѓународната недела на Отворен пристап, беше релансиран веб-сајтот Депот, како институционално складиште (репозиториум) кое им овозможува на истражувачите и научниците од целиот свет да ги депонираат своите трудови, статии и поглавја од книги.

Оваа интернационална локација има за цел, на едно место да ги собере научно-истражувачките документи кои се производ на научници и истражувачи од институции без свое институционално складиште. Со тоа, тој е од полза за целата научно-истражувачка заедница од светот. Ставањето на научно-истражувачките документи онлајн и на располагање на сите кои можат да имаат корист од нив е во согласност со концептот на Отворен пристап.

Ставајќи ги електронските копии од рецензираните научно-истражувачки документи во системот на Депот, научниците и истражувачите од светот имаат можност да постигнат многу поголема читаност од онаа што може да се постигне со достапност на трудот единствено преку научно списание базирано на претплата. Дополнително, истражувањата покажуваат дека стапката на цитирање на материјали кои се ставаат на располагање со отворен пристап, може да се зголеми драматично до дури 400% во некои дисциплини.

Правото на објавување на рецензираниот документ (во финална верзија) онлајн се регулира со договор за пренесување на авторските права. Доколку вакво право не му е одредено на истражувачот, тој и понатаму може да го консултира издавачот за дозвола за објавување на електронската верзија од документот, со отворен пристап. За да се поставуваат трудови на Депот, корисниците прво треба да се регистрираат, додека постапката за самото поставување на материјалите не одзема повеќе од 10 минути.

Корисниците можат да поставуваат документи кои јавно ќе се прикажат по одреден период кој може да го бара издавачот, па дури и да ги направат  материјалите невидливи за посетителите, доколку не им е близок концептот за објавување со отворен пристап. Во овој случај, внесувањето на името на авторот, институцијата која стои зад издавањето на делото и мета податоците за него, ќе ја зголемат неговата видливост и достапност преку пребарувачите, со што ќе се зголеми интересот за нив, додека самата содржина и понатаму ќе остане скриена за посетителите.

Поставувањето на материјалите во системот на Депот ќе значи нивно архивирање и чување се додека не се појави посоодветно институционално складиште каде тоа треба да биде објавено. Во меѓувреме, други истражувачи, научници и студенти можат да ги ползуваат резултатите од истражувањата до кои дошол некој пред нив и да изградат нови знаења врз основа на нив. Со тоа се придонесува во изградување на поцврста научно-истражувачка заедница и подигнување на нејзиното ниво на квалитет и распространетост.

Во текот на првото тромесечје од 2010, Фондацијата Метаморфозис ќе организира низа активности преку кои на високо-образовните и научно-истражувачки институции во Македонија ќе им го доближи концептот на отворен пристап и придобивките од неговата примена. Исто така, за заинтересираните институции, ќе понуди техничка и едукативна помош за поставување на институционални складишта за архивирање на трудови, дисертации, презентации од конференции, графики, табели и други форми на резултати до кои доаѓаат научниците и истражувачите во нивната работа.

Поврзани натписи