Мени

Објавен извештајот за развојот на отворени дигитални складишта во земјите во транзиција и развој

Студијата е спроведена со соработка на eIFL.net, библиотеките на Универзитетот во Канзас, проектот DRIVER и Key Perspectives Ltd.

Целта беше да се направи попис на тековните активности на дигиталните складишта во земјите во развој и транзиција, како на инфраструктурно, така и на ниво на услуги. Ова е прв обид да се соберат вакви податоци за активностите на дигиталните складишта во земјите во развој и транзиција и ќе послужи како корисен извор за промовирање на отворениот пристап и развојот на складиштата во овие региони. Извештајот беше подготвен во рамки на програмата за застапување на e-IFL-OA поддржана од Институтот отворено општество и Wellcome Trust.

За шест месеци, во ова истражување земаа учество 49 дигитални складишта од 20 земји на три континенти: Аргентина, Азербејџан, Бразил, Камерун, Кина, Гана, Хонг Конг, Индија, Јамајка, Киргистан, Монголија, Намибија, Полска, Русија, Словенија, Јужна Африка, Тајван, Украина, Венецуела и Зимбабве.

Некои од наодите од истражувањето се наведени подолу:

  • Видливоста, пристапот и зачувувањето се најважната мотивација за воспоставувањето на дигитални складишта, велат институциите кои учествуваа. Тука е и потребата за оценување на истражувачите и одделите, како одговор на барањата од факултетот.
  • Одговорите покажуваат сè поголема стапка на раст на складиштата во текот на последните неколку години, и укажуваат на тоа дека овие складишта се во најголем дел навистина нови сервиси. Складиштата на речиси една четвртина од земјите-учеснички беа јавно пристапни нешто помалку од една година за време на истражувањето, а над 60% беа достапни за јавноста помалку од три години.
  • Библиотеките играат важна улога во застапувањето и одржувањето на складиштата. Најголемиот дел од институциите-учеснички (88%) одговориле дека библиотеките активно се залагале за создавање на складишта. ИТ одделот беше втора најспомнувана единица, наведена од 28% од институциите-учеснички. Другите оддели ја наведоа администрацијата (18%), академските оддели (16%), и канцелариите за истражување (14%). Понатаму, 79% соопштиле дека складиштето е поддржано со средства од оперативниот буџет на библиотеката.
  • Електронските тези и дисертации се најчестиот вид на материјал во складиштата на институциите вклучени во испитувањето. Други вообичаени материјали се истражувачките статии, весниците објавени од институциите, како и конференциските документи. Работните верзии на научните трудови се помалку застапени, како и аудио и видео материјалите.
  • 85% од материјалите во складиштата на институциите учеснички се со отворен пристап или јавно достапни.
  • Околу две-третини од институциите-учеснички користат некој вид на посредничко складирање со кое членовите на персоналот или библиотекарите се директно вклучени во складирањето на материјали во складиштето.
  • Најголемиот дел од институциите учеснички (56%) изјавиле дека помалку од 25% од истражувачите или членовите на факултетите на нивните институции складирале материјал во складиштето. Кај речиси една третина (29%) од институциите-учеснички сликата е малку подобра – помеѓу 25 и 50% од истражувачите или членовите на факултетите на овие институции имаат складирано материјал во складиштето. Една институција наведе дека 100% од истражувачите или членовите на факултетите на нивните институции имаат складирано материјал во складиштето.
  • Dspace е далеку најзастапениот софтверски пакет, користен од страна на 57% од институциите-учеснички. Девет отсто користат EPrints, а 2% користат Fedora. 13% користат локално развиени пакети и 19% користат други пакети (вклучувајќи ги Nitya Archive, Greenstone, dLibra (Полска), Socionet (Русија), и Digital Commons).
  • Следните услуги беа наведени како приоритетни за понатамошниот развој на меѓународно ниво: општи пребарувачи/портали (34%), услуги за зачувување (34%), советодавни услуги (застапување за отворен пристап) (30%), Дисциплинарни/тематски пребарувачи/портали/складишта (27%), услуги за статистика на користење (25%), каталогизирање или создавање на метаподатоци/услуги за подобрување (20%), советодавни услуги (технички аспекти) (18%) , лични услуги за научниците кои складираат материјали (16%), издавачки услуги (14%), услуги за процена/евалуација на истражување (11%), услуги за печатење по нарачка (7%), услуги за хостирање на складиштето (5%).
  • Најголемиот предизвик со кој институциите се соочија во имплементирањето, унапредувањето и водењето на складиштата беше прибирањето на содржини (кај 42% од институциите-учеснички). Други предизвици: поттикнување на свеста и ангажираноста на факултетите (50%); обезбедување на соодветно финансирање и други ресурси (46%); прашања поврзани со авторските права (42%); комуницирањето со факултетот околу складиштето (41%); интегрирање на складиштето во работата и во други постојни структури (35%); прашања поврзани со персоналот (31%).

Извештајот и податоците можете да ги преземете од веб-сајтот на eIFL.

Поврзани натписи