Мени
OA_week_2012

Македонија: Одбележување на неделата на отворен пристап

На 24 октомври, во салата за превод и толкување на Филолошкиот факултет во Скопје се одржа настан за промоција на отворениот пристап во Македонија. Настанот го одбележаа презентациите на проф. д-р Владимир Трајковски од Филозофскиот факултет, Димитар Попоски, докторанд на отсекот за информациски науки во Загреб, Ирина Шумадиева и Сеад Џигал, координатори на проектот „Иницијатива за отворени образовни ресурси во Македонија“.

OA_week_2012Димитар Попоски го истакна македонското списание за хемија и хемиско инженерство како онлајн списание со највисок импакт фактор во Македонија, а продолжи со презентација на алатките „Зотеро“ и „Мендели“ кои претставуваат онлајн-менаџери за организација и споделување истражувачки ресурси. По него збор зема проф. д-р Трајковски кој е главен и одговорен уредник на научното списание со отворен пристап на Институтот за дефектологија, при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој зборуваше за примената на платформата за менаџирање ресурси во научни списанија Open Journal System, предностите, ограничувањата, за списанието на институтот, како и за останатите списанија во Македонија кои ја користат истата платформа.

Потоа следуваше презентација на придонесот на Метаморфозис во областа на отворениот пристап и отворените образовни ресурси, со истакнување на развиените алатки и содржини кои можат сè уште да се користат од заинтересираните страни, а овој дел се заврши со преглед на актуелните напори и достигнувања во областа на отворените образовни ресурси.

Настанот го проследија 15-тина присутни во живо, но беше обезбеден видео стриминг од кој произлезе видеото подолу.

За време на настанот беа поделени печатени материјали за отворен пристап и отворени образовни ресурси, а од нив добија примероци и присутните на вториот настан за одбележување на неделата на отворен пристап следниот ден на Медицинскиот факултет во Скопје.

Поврзани натписи