Мени

Одржана регионална конференција на тема: „Јавните библиотеки поттикнуваат иновации во заедницата“

На 14 и 15 февруари, во Центарот за култура во Радовиш се одржа регионалната конференција „Јавните библиотеки поттикнуваат иновации во заедницата“, поддржана од Меѓународната организација EIFL-PLIP (Electronic Information for Libraries – Public Library Inovation Program – Електронски информации за библиотеките – Иновативни програми за јавните библиотеки).

Целта на конференцијата беше да се поттикне соработка и да се поврзат креаторите на политики на национално и локално ниво со библиотечната заедница, како и поттикнување на јавните библиотеки за меѓусебна соработка и иновации со перспективи за поддршка на еднаков пристап до технологијата и поддржување на доживотното учење и активното граѓанско општество.

Првиот ден беше организирана панел дискусија за проблемите со кои се соочуваат библиотеките во Македонија, новите услуги кои ги воведуваат, како и за добрите практики и можностите за развој на нови услуги преку поттикнување на властите за поголеми инвестиции во библиотечната дејност и поголемо искористување на европските и други фондови.

Вториот ден околу 25 учесници од Македонија и од други земји ги презентираа услугите кои се воведени во работата на библиотеките и можноста од воведување на нови.

Третата сесија беше посветена на примената на информациската технологија во библиотеките и дигиталните библиотеки. Во рамките на оваа сесија, учесник од Метаморфозис ги презентираше придобивките од примената на отворените образовни ресурси во Македонија. Покрај осврт на тековната состојба во нашата земја, се презентираа предизвиците со кои се соочуваме, позитивни примери од други земји, како и препораки за Македонија кои од сето тоа произлегуваат. Презентацијата се заокружи со можностите за соработка на јавните библиотеки и отворените образовни ресурси и отворениот пристап и со тоа да се влијае на подостапно образование и напредок на научната мисла.

Конференцијата овозможи размена на искуства и воспоставување соработки, како и размена на знаења помеѓу библиотекарите.

Покрај, EIFL, во улога на организатори на конференцијата беа: општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ во Радовиш, Национална Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ – Штип, Општина Радовиш, Библиотекарското здружение на Македонија и Македонски електронски библиотеки.

Поврзани натписи