Мени

Одржана тркалезна маса на тема „Приватноста во Македонија“

На 04.06.2010 година во просториите на Стопанска комора на Македонија се одржа тркалезна маса на темата „Приватноста во Македонија“ организирана од Фондацијата Метаморфозис.  


На тркалезната маса како говорници  учествуваа г. Тито Петковски, пратеник и претседател на Комисијата за транспорт, врски и екологија при Собрание на РМ, г-а Валентина Димковска од Дирекцијата за заштита на лични податоци на РМ, д-р Јован Јовчески, Универзитет Американски колеџ, Скопје и г. Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис.

Претседателот на комисијата за транспорт, врски и екологија при собранието на РМ, г. Тито Петковски, напомена дека со овој закон не можеме да бидеме заштитени од органите на власта и дека со него се премостуваат формално-правните пречки, власта да може да прислушува. Потенцираше дека сличен ваков закон во Европа не постои и дека доколку јавното мислење има влијание врз донесувањето на  законите, до вакви апсурди не би требало да дојде.

Претставникот од Дирекцијата за заштита на лични податоци на РМ, г-а Валентина Димковска пренесе дека како независен државен орган агенцијата е засегната од овој предлог-закон и дека во мислењето кое го доставиле до Собранието и на 16.03 и на 03.06.2010. посочуваат дека треба да се вградат и одредби со цел усогласување со Директивата 2009/136/ЕК, како и препорака за примена на минималниот рок за задржување податоци, како што е најчеста пракса во ЕУ. Таа напомена дека сите закони во кои се работи за заштита на лични податоци, пред да влезат во процедура треба да се консултира ДЗЛП.

Како долгогодишен работник во ова поле, д-р Јован Јовчески истакна дека премногу е оптимистички да се очекува дека власта нема да направи промени во законот и дека нема да остави место да се интервенира на него. Образложи дека секоја власт има желба да го држи монополот на информации, но и дека ваквиот закон нема да пројде во Европа и пред судот во Стразбур.  Набројувајќи ги многубројните недостатоци на предлогот, д-р Јовчески заклучи дека „не постои законска можност овој закон да се доведе во пристојна форма“ и затоа е подобро целосно да се повлече и Владата да си даде време да предложи целосно нов текст, во согласност со постојните законски норми, меѓународните договори и обврските на Македонија како земја-кандидат во ЕУ.

Претставникот на Метаморфозис Филип Стојановски накратко го претстави нацрт-извештајот за приватноста на интернет во 2009 година, поканувајќи ги присутните да придонесат во негово дополнување. Според извештајот, законската рамка за заштита добро поставена со Законот за заштита на лични податоци се загрозува со нетранспарентни измени во други закони, а на македонскиот веб во премала мерка се применуваат добри практики и политики за приватност , што резултира со ниско ниво на доверба кај корисниците. Дополнително, тој го изложи ставот на Метаморфозис дека предложените промени на ЗЕК се неуставни и недемократски.

Во текот на дискусијата,  г. Дарко Булдиоски од Центарот за нови медиуми ја акцентираше потребата за објавување урнеци за политики за приватност со кои ќе се овозможи полесно креирање вакви документи, што е следен чекор по заклучоците на извештајот кој ќе го преземат Метаморфозис и ДЗЛП. Тој исто така изнесе искуство дека откривањето на криминалци по ИП адреси е ограничувачко, ако се во странство.

Претставничката на Транспарентност Македонија г-а Ана Јаневска Делова, г и изложи резултатите од стручната анализа објавена од  оваа организација дека предложените промени се неуставни и ги заобиколуваат правните норми кои се претходно воспоставени со Законот за кривична постапка, Законот за следење на комуникациите и Законот за заштита на личните податоци, како и на меѓународните правни норми и судската практика на Европскиот суд од Стразбур.

Авторот на блогот Волан, г. Александар Димитријевиќ обрна внимание на позачестениот фишинг и укажа дека во низа случаи на злоупотреба на податоци немало судски епилог, меѓу кои и оној кога ЦД со целокупен телефонски именик можело слободно да се купи по пазари за 100 денари. Тој потсети и дека политичките партии ги имаат податоците за граѓаните, што е евидентно од појавата да им испраќаат честитки на лична адреса.

Надоврзувајќи се, г. Петковски го изложи мислењето дека кај големите политички партии во Македонија нема интерес за воведување реална деполитизирана контрола врз прислушкувањето, па затоа и случајот кога во Собранието понудил да презентира докази за тврдењето дека некои партии користат своја опрема за прислушкување на телекомуникациите бил забошотен, преку неформирање соодветна анкетна комисија. Тој повика на поголемо граѓанско учество и укажа дека политичарите сепак се осетливи на прашања за кои граѓаните и НВО покренуваат јавни иницијативи и кампањи.

Претставникот на порталот IT.com.mk, г. Виктор Арсовски се осврна на проблемот на прислушкување без судски налог и знаење на провајдерот поврзан со измените кои овозможуваат МВР да има директен пристап до податоците за сообраќај. Проф. Јованчески објасни дека ваквите измени се „невидени“ оти се крши начелото за прислушкување само со судски налог. Не постои ни можност за судска заштита ако некој е прислушкуван, оти нема да може да го докаже тоа пред судот. Во случај граѓанинот сам да ги извлече податоците од МВР, ќе биде обвинет за неовластено пробивање.

Уредничката на Клик.мк г-а Јулијана Прчковска укажа дека прислушкувањето само по себе нема само негативни последици и да не се занемарат неговите општествено полезни функции како средство за борба против криминалот, но само под услов тие да се строго контролирани.

Како заклучок, учесниците се согласија основните сознанија од трибината да бидат пренесени што пошироко, особено до пратениците и другите носители на одлуки, со цел поттикнување и проширување на дебатата за прашањата од оваа област, со што би се придонело за носење на поквалитетни законски решенија. Како прв чекор претставниците на Метаморфозис најавија отворање на мејлинг листа privatnost(ет)metamorphosis.org.mk за информирање и координација. Сите заинтересирани за приклучување на оваа листа може да пишат до filipn(ет)metamorphosis.org.mk.

Релевантни материјали

Поврзани натписи