Мени

PACE: Резолуција за масовното прислушување во Европа

ЕДРИ и други меѓународни и национални организации за човекови права и слобода на изразување (ARTICLE 19, Reporters Without Borders, Privacy International, Vrijschrift, Open Rights Group, INDEX, English PEN и Access Now) потпишаа петиција на 29 август 2013 година, барајќи од Парламентарното собрание на Советот на Европа (PACE) да ја поддржи Резолуцијата „Масивно прислушување во Европа“ поднесена на 31 јули 2013 година од 23 членови на PACE.

Резолуцијата ги повикува земјите-членки да ги регулираат и ефикасно да ги надгледуваат тајните служби и специјалните процедури и да ги усвојат законските одредби на национално ниво за заштита на информаторите. Во резолуцијата исто така се повикува Генералниот секретар да започне истрага согласно член 52 од Европската конвенција за човекови права.

Организациите-потписнички ја поддржаа оваа навремена Резолуција и сè уште се загрижени за неодамнешните откритија околу надзорот на интернет и телефонските комуникации од страна на владите на САД и на членовите на Советот на Европа, вклучувајќи ги Франција, Германија, Турција и Обединетото Кралство. Овие откритија укажуваат на безобѕирно и систематско непочитување на човековите права од членовите 8 и 10 на Европската конвенција за човекови права и други меѓународни и европски спогодби.

Сèопштата примена на механизми за надзор на глобалните дигитални комуникации драстично ѝ се заканува на заштитата на човековите права во дигиталното доба. Ги потсетуваме членовите на PACE дека во неговиот извештај од јуни 2013 година,  Френк Лару – специјалниот известувач на ОН за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување го посочи негативното влијание на надзорот врз граѓанските слободи, вклучувајќи го и правото да се информира и да се биде информиран, слободата на изразување и почитувањето на приватноста. Сметаме дека предлогот во Резолуцијата на PACE би можел да овозможи значајна процена на моќта на правните средства за заштита на правото на слобода на изразување и приватноста во членките на Советот на Европа и да овозможи уникатен увид во правната рамка за надзорот.

Понатаму, организациите потписнички го поддржуваат акцентот што предложената Резолуција го става на потребата за заштита на информаторите. Информаторите играат клучна улога во промовирањето на транспарентноста и почитувањето на човековите права и интереси на сите членови на општеството. PACE мора да ја зајакне заштитата на информаторите и да ги поддржи напорите за борба против кршењето на основните човекови права.

Извор: ЕДРИ-грам „PACE: Resolution on massive eavesdropping in Europe“ бр. 11.17, септември, 2013.

Поврзани натписи