Мени

Конференција POINT – Политичка одговорност и нови технологии

Конференцијата POINT (Политичка одговорност и нови технологии) е регионална конференција на организациите на граѓанското општество од 7 земји од Југоисточна Европа кои интензивно се ангажираат во користењето нови технологии во нивната работа.

Конференцијата ја организира Граѓанското здружение Зошто не (Zašto ne) од Босна и Херцеговина во соработка со CRTA од Србија и Метаморфозис од Македонија. Во организацискиот комитет на конференцијата се и Мјафт од Албанија, CDT, CEMI и MANS од Црна Гора, CCI и 6yka од Босна и Херцеговина, FLOSSK од Косово и центарот CERP од Хрватска.

POINT ќе има пет главни теми кои ќе бидат во фокусот на конференцијата во контекст на употребата на новите технологии: следење на работата на владата и застапување од страна на владата, отвореност на владините и јавните записи, избори и изборен процес, образование, информации и обука, како и мобилизација и организација.

Во текот на трите дена на конференцијата ќе се одржат серија предавања, говори, мултимедијални презентации, трибини, работилници, конференции преку Скајп, филмски проекции, а сето тоа со учество на локални, регионални и глобални активисти на граѓанското општество, медиумски експерти, претставници на медиуми, експерти за нови технологии, програмери, блогери, па дури и претставници на институциите и деловниот сектор. На конференцијата, на еден динамичен начин и со помош на новите технологии и визуелни алатки, како и со активно учество на учесниците на конференцијата и интернет-корисниците ќе се дебатира за избраните прашања, ќе се дефинираат основните проблеми во овие области и ќе се презентираат конкретни примери и искуства користени од граѓанското општество, како и стратегии за делување во овие области.

POINT ќе претставува платформа за граѓанското општество во употребата на нови технологии – има за цел да биде алатка за едукација околу употребата на новите технологии и друштвените мрежи; форум за размена на мислења и искуства; инкубатор за развој на идеи, проекти и стратегии; виртуелен простор за вмрежување и информирање на сите општествено-свесни интернет корисници; и друштвена мрежа за истражување и потрага по партнери и соработници и градење коалиции.

POINT има 4 сегменти:

@POINT во живо – конференција во Арт-киното „Kriterion“ во Сараево – презентации, предавања, мултимедијални содржини, панели, разговори преку Скајп, филмови и дискусии. Три дена конференциска работа со над 50 говорници, презентери и панелисти од БиХ, од регионот, Европа и светот.

@POINT сподели – стратешки состаноци на граѓанските организации во контекст на употребата на нови технологии за различни цели, иницијативи и проекти, како што се корупцијата, интеграцијата во ЕУ, изборите, институциите за надзор, образованието итн.

@POINT преку интернет – освен за учесниците на конференцијата, истата ќе биде отворена и за заедницата на интернет. Сите сесии ќе се емитуваат во живо на веб-сајтот на конференцијата, корисниците ќе можат да ги испраќаат своите прашања преку друштвените мрежи, па дури и да поставуваат прашања за време на презентацијата, да коментираат за сесиите и презентерите и да учествуваат во дискусиите на интернет. Сите презентации, програмата на конференцијата и сите важни врски ќе бидат поставени на веб-локацијата на конференцијата.

@POINT забава – вечерната програма ќе претставува одмор од дневните активности и активизам и ќе понуди нови, свежи таленти од музичката сцена. Вечерната забава исто така ќе се одржи во Арт-киното „Kriterion“ и ќе понуди содржини за сите три ноќи на конференцијата.

Извор: Веб-локација на конференцијата POINT

Поврзани натписи