Мени

Полска: Министерството за образование препорачува софтвер со отворен код

Полското министерство за образование ги советува училиштата и универзитетите да користат софтвер со отворен код. Препораката доаѓа на крајот на волонтерската кампања за помош на училиштата при мигрирање кон софтвер со отворен код.

Во едно соопштение, министерството препорача училиштата и универзитетите да користат ОпенОфис. Пакетот апликации е доволно зрел и напреден за да може да се користи во наставата, и за канцелариска употреба во образовните и научните институции. „ОпенОфис може успешно да ги замени комерцијалните апликации што ќе резултира со значителни заштеди за лиценци“.

Министерството го објави соопштението на својот веб-сајт на 17 јули, три дена пред официјалното завршување на кампањата „Слободен софтвер и софтвер со отворен код во училиштата“, турнеја за промоција водена од 150 волонтери на полската Фондација за слободен софтвер (Фвиоо).

Во минатите десет месеци, волонтерите посетија 99 училишта, во најголем дел основни и средни училишта, опфаќајќи 4506 ученици во 43 села и градови. „За време на овие состаноци, нашите волонтери презентираа апликации со отворен код, одговараа на прашања и ги разбиваа сомнежите. Тие често помагаа во инсталирањето на софтверот на персоналните компјутери во компјутерските лаборатории на училиштата и на школските сервери“, вели членот на Фвиоо Лукаш Новицки, кој почна да ја организира кампањата на крајот на летото 2007 г. во Познан, каде што беше основана Фвиоо.

Волонтерите од кампањата „Слободен софтвер и софтвер со отворен код во училиштата“ соработуваа со локални ентузијасти за софтвер со отворен код, секогаш кога тоа беше можно. На пример, во градот Бјелско, сите училишта учествуваа во кампањата. „Ја комбиниравме нашата посета на градот со денот на слободен софтвер, кој ги привлече локалните програмери на софтвер со отворен код и дури успеавме да ги заинтересираме универзитетските професори и неколку локални полицајци.“

Околу 30 отсто од училиштата посетени од кампањата барем делумно мигрираа кон софтвер со отворен код. Поголемиот дел од овие училишта ги конфигурираа персоналните компјутери да имаат и ГНУ/Линукс дистрибуција како што е Убунту, Сусе или Мандрива, покрај Виндоуз. Новицки: „Персоналот во некои училишта ни одговори дека сè уште размислува за промена, други велат дека би го искористиле летниот одмор за да го инсталираат ОпенОфис, а неколку училишта изјавија дека ќе мигрираат кон апликации со отворен код кога ќе ги обноват нивните компјутерски лаборатории.“

Според Новицки, добар пример за училиште што користи софтвер со отворен код е средното училиште бр. 15 во градот Вроцлав. „Во ова училиште наставниците ги учат учениците како да користат Мајкрософт Виндоуз, ГНУ/Линукс и Мек ОС икс. Оваа основа на широки познавања им овозможува на учениците да ги развиваат нивните интереси без да ги ограничуваат на одредена платформа.“

Извор: Open Source Observatory "PL: Ministry of Education recommends Open Source" 5 август, 2008.

Поврзани натписи